1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

„Мирна револуција“ во Полска - земјата излегува од изолација

Јацек Лепјарц
12 декември 2023

Еден ден откако е избран за премиер на коалициска влада на левиот центар, Туск го претстави планот за работа на владата во парламентот. По полагањето заклетва во среда, ќе оди директно на самитот на ЕУ во Брисел.

https://p.dw.com/p/4a4bd
Доналд Туск е нов полски премиер
Доналд Туск е нов полски премиерФотографија: Czarek Sokolowski/AP/dpa/picture alliance

 Доналд Туск го забрзува темпото. Лидерот на проевропската коалиција на левиот центар се обидува да го надокнади времето изгубено поради тактиките на одолговлекување на национал-конзервативниот владин табор. Само еден ден по изборот, даде владина изјава во Претставничкиот дом, Сејмо, во вторник наутро (12 декември 2023 година).

„15 октомври ќе влезе во историјата како ден на  мирен бунт за слобода и демократија“,  изјави Туск и повика на обнова на националното единство: „Силата во единство би требало да стане прва политичка цел“, изјави Туск пред пратениците. Со оглед на идната улога на Полска во ЕУ, тој вети соработка и почитување на европските институции. Полска повторно ќе преземе одговорност во ЕУ, рече тој. „Ние сме појаки и посуверени колку што е посилна и посуверена не само Полска, туку и ЕУ“, нагласи тој. Секој кој се обидува да ја натера Полска во изолација, си игра со егзистенцијата на земјата. „Престанете да се однесувате како нашите пријатели и сојузници од ЕУ и НАТО да ни претставуваат закана. Тоа е ризична, ако не и луда игра“, предупреди Туск.

Тактика на одолговлекување

Откако го загуби апсолутното мнозинство на парламентарните избори  на 15 октомври, претседателот на партијата Право и правда (ПиС) Јарослав Качински долго се обидуваше да игра на картата време и да го одолговлечи преносот на власта. Со текот на времето, важни позиции се пополнети со приврзаници на ПиС, а на пријателски институции им се доделени буџетски средства.

Матеуш Моравјецки, кој владееше со Полска од 2017 година, со недели се однесуваше како да може да состави влада, без оглед на немањето парламентарно мнозинство. Во тој маневар на одолговлекување му помагаше полскиот претседател Анджеј Дуда, кој доаѓа од истиот политички табор, така што пред еден месец му довери мандат за состав на влада, иако без изглед за успех.

Моравјецки не успеа, Туск го презеде кормилото

Но, по речиси два месеца, на  тактиката на одолговлекување на ПиС,  конечно ѝ дојде крајот.  Претставничкиот дом го избра Туск за шеф на владата во понеделникот вечерта (11.12.2023). Бившиот претседател на Европскиот совет доби 248 гласа, 23 повеќе од потребното. Против него гласаше 201 пратеник. Сејмот славеше, бившиот полски претседател Лех Валенса седеше на галеријата за гости и ги задржуваше солзите додека новиот шеф на владата се вртеше и со рацете обликуваше срце. На крајот сите пратеници станаа од клупите и ја отпеаја полската химна.

Лех Валенса
Бившиот полски претседател Лех Валенса седеше на галеријата за гости во парламентотФотографија: Jakub Porzycki/picture alliance/Anadolu

Претходно  Моравјецки загуби на гласањето доверба во парламентот, доби поддршка од само 190 пратеници, а против беа 266.

Сѐ до самиот крај, со ветувања се обидуваше да ги придобие на своја страна пратениците од противничкиот табор. Се претстави како мирољубив политичар, повика на дијалог и апелираше до парламентот пред предизвиците да не бара она што прави поделби, туку што спојува. Шефот на владата во заминување изминатите осум години ги претстави како години на успех, а за идни задачи наведе зголемување на вооружените сили на 300.000 војници, почеток на користење на нуклеарна енерегија и изградба на аеродром во централна Полска. Моравјецки нагласи дека неговиот план „во секој случај ќе победи, ако не сега, тогаш во иднина.“ 

Коалицијата на Туск ја чинат три блока: неговата Граѓанска коалиција (КО), Христијанско-демократскиот трет пат (ТД) и Новата левица. Новиот премиер во извештајот на владата најави расветлување на времето на власт на претходната влада, а посебно финансиските афери на ПиС, истрага за користењето на фондовите на ЕУ и манипулациите со медиумите. Исто така се заложи за продолжување на  поддршката на Украина  и најави дека Полска ќе преземе заедничка одговорност за решавањето на прашањето со миграцијата.

Размена на вербални удари меѓу Туск и Качински

Изборот на Туск го засени размената на вербални удари меѓу него и неговиот ривал Качински. Туск во краткиот говор по објавата на изборните резултати се осврна на пропагандната кампања против него, која со години ја водат политичарите од ПиС и државните медиуми под контрола на партијата.

Полскиот досегашен премиер Матеуш Моравјецки го одолговлекуваше преносот на власта
Полскиот досегашен премиер Матеуш Моравјецки го одолговлекуваше преносот на властаФотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

„Слушам на телевизија секој ден, дури и денеска: ‘Во Берлин и за Германија', плоча која пред многу години ја сними Јацек Курски (шеф на државната телевизија, р.з.)“, рече тој. А потоа се обрати директно до Качински: „Тогаш Вашиот брат Лех јавно ми рече дека никогаш не видел таков злосторник (каков што е Курски).“

Во текот на предизборната кампања во 2005 година Курски го обвини дедото на Туск дека доброволно се пријавил за германскиот Вермахт. Всушност, Јозеф Туск бил мобилизиран во Гдањск во Втората светска војна и подоцна пребегнал во полска единица. Качински огорчено и ладно реагираше: „Не знам кои ви биле дедовците, но знам едно:  Вие сте германски агент“, остро рече во понеделникот вечерта.

Качински гледа крај на полската демократија

„Ова е крај на полската демократија“, додаде челникот на ПиС одговарајќи на изборот на Туск. Потоа се наврти кон Русија и ЕУ.

„Плановите кои ги усвои Европскиот парламент и кои натаму се развиваат во ЕУ се концепт за промена на полската држава. Таа би требало да стане подрачје населено со Полјаци, но однадвор, од Брисел, во основа гледано, контролирана од Берлин“, рече Качински. „Качински не може да се помири со поразот“, коментираше политикологот Ана Сивиерска на ТВН.

Во среда наутро (13.12) новиот кабинет ќе положи заклетва пред претседателот Дуда, што е горчлив пораз за политичарот кој се обиде да ја спречи промената на власта. Тоа значи дека Туск како нов полски премиер може да замине на самитот на ЕУ со државите од Западен Балкан и Европскиот совет во среда вечер. Туск во меѓународните работи ќе може да се потпре на искусниот, светски познат, министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој ја водеше полската надворешна политика од 2007 до 2014 година.

Секој кој верува дека Туск ќе биде  удобен преговарачки партнер во ЕУ  може незгодно да се изненади, и покрај помирливиот тон во првата владина изјава. Запрашан во текот на предизборната кампања за реформи во ЕУ, вклучувајќи го и принципот на едногласност, нагласи дека не паѓа во „интеграциски ентузијазам“. Во поглед на  миграциската политика  тој би можел да биде внимателен со оглед на лошите искуства. Имено, полското одобрувување за распределба на бегалци во 2015 година значајно ѝ помогна на ПиС да дојде на власт.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.