Избори во Полска: Крај на владеењето на ПиС?
16 октомври 2023Според излезните анкети, владејачката партија Право и Правда (ПиС) на Јарослав Качински води на парламентарните избори во Полска одржани во неделата на 15 октомври, но нема потребно мнозинство за да продолжи да владее сама и во иднина. Ова отвора можност за опозицијата да формира владина коалиција во Полска.
Според излезните анкети на агенцијата Ипсос, владејачката партија ПиС би освоила 36,8 отсто од гласовите, што значи 200 пратеници во парламентот од 460 места.
Либералната Граѓанска коалиција, предводена од Доналд Туск (КО) би можела да освои 31,6 отсто од гласовите, со што би добила 163 пратенички места. Заедно со другите две опозициски партии Третиот Пат и Нова Левица, кои КО би можела да формира владина коалиција со вкупно 248 пратенички места.
Имено прогнозите на Ипсос велат дека, конзервативно-либералната изборна алијанса Третиот пат ќе добие 13 отсто од гласовите, а Нова Левица 8,6 отсто од гласовите.
Трите партии водеа одделни предизборни кампањи, но со истото ветување дека ќе ја урнат од власт ПиС и ќе ги обноват добрите односи со Европската унија.
Лидерот на КО, Доналд Туск, вети дека ќе ги поправи односите на Варшава со Брисел, кои беа нарушени со бројни конфликти за прашања како што се независноста на судството, правата на ЛГБТ и миграцијата.
„Демократијата победи... Ова е крајот на владеењето на партијата ПиС“, им порача среќниот Туск на членовите на партијата во неделата вечер.
Лидерот на ПиС, Јарослав Качински, им рече на претставниците собрани во седиштето на партијата во центарот на Варшава дека не е јасно дали денешните изборни резултати ќе значат нов мандат за нив, додавајќи: „Мора да имаме надеж“.
Право и Правда инаку би можела да замисли владина коалиција со десничарско- екстремистичка партија Конфедерација, која пак се противи на коалицијата. Конфедерациската партија повикува и на прекин на помошта за Украина.
Со оглед на војната во соседна Украина и растечката мигрантска криза, ЕУ и Вашингтон сега внимателно ја следат ситуацијата во Полска, иако и ПиС и опозицијата ја поддржуваат клучната улога на Полска во обезбедувањето воена и логистичка поддршка на Киев.
Инаку, пребројувањето на гласовите на парламентарните избори во Полска е во тек а конечниот изборен резултат најверојатно нема да биде познат до вторник.
Ќе има ли промена на власта во Полска?, Кристин Јоаким, АРД Варшава, на изборите врз основа на првите бројки