1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Туск притиска, претседателот Дуда одолговлекува

Јацек Лепјарц
26 октомври 2023

Демократската опозиција во Полска има солидно мнозинство во парламентот и сака Доналд Туск да стане нов премиер. Но, претседателот на државата Анджеј Дуда одолговлекува. Дали тој може да го подели проевропскиот блок?

https://p.dw.com/p/4Y3qO
Влада Полска
Полскиот претседател Анджеј Дуда одолговлекува со давање мандат за состав на нова владаФотографија: Radek Pietruszka/dpa/picture alliance

По блескавата победа на парламентарните избори на 15 октомври, демократската опозиција во Полска е цврсто решена брзо да спроведе промена на власта. Шефовите на лево либералната Граѓанска коалиција (КО), на христијанско демократскиот сојуз Трет пат (ТД) и на Новата левица во вторникот во Варшава официјално потврдија дека стремат кон коалициска влада со Доналд Туск како премиер.

„Подготвени сме за заедничка работа и ново мнозинство за формирање влада. Можеме да започнеме со работа во секое време“, изјави Туск на заедничкиот настап во парламентот. Заедно со Шимон Холовниа и Владислав Козинијак-Камиж од ТД и Влодимирж Ѕарсасти од Новата левица, Туск апелираше до полскиот претседател Анджеј Дуда „да не губи време“ и да го ослободи патот за нова влада.

Проевропската коалиција  располага со 248 мандати и со тоа со солидно мнозинство во полскиот Долен дом (Сејм), кој брои 460 места. Во вториот дом, Сенатот, предимството на досегашната опозиција е уште појасно: 66 мандати наспроти 34.

При ваков сооднос на силите прашањето за мандат за состав на влада всушност би требало да биде едноставно за одговор. Но, Дуда, од кого зависи натамошната постапка, си остава време.

Претседателот Анджеј Дуда  Полска
Претседателот Анджеј Дуда формално е непартиски, но е блисок на таборот на ПиСФотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Претседателот Дуда покани на консултации

Шефот на државата, кој припаѓа на националконзервативниот табор на лидерот на  владејачката партија Право и правда (ПиС),  Јарослав Качински, според полскиот устав има рок од 30 дена за да свика прва седница на новиот парламент. Потоа има 14 натамошни денови за да додели мандат на од него одредена личност за формирање влада. Претседателот Дуда не гледа никаква нужност од кратење на легислативниот период на парламентот, се вели од неговиот кабинет.

На Дуда очигледно не му е доволна најавата на Туск и неговите коалициски партнери. За самиот да осознае колкави се шансите за владино мнозинство, претседателот упати покана за консултации до сите застапени партии во идниот парламент.

Предност во вторникот доби претставникот на ПиС и премиер Матеуш Моравјецки – демонстративен страничен удар кон Туск. ПиС има 194 мандати и е најсилна партија по изборите, но поради немање коалициски партнер не може да продолжи да владее.

ПиС не ја пушта власта

Без оглед на ова,  ПиС, која со земјата владее осум години,  не ја пушта власта и нема намера предвреме да се откаже. „ПиС му соопшти на претседателот дека Матеуш Моравјецки е нејзин кандидат за премиер и дека има желба да формира влада“, изјави шефот на претседателскиот кабинет Марцин Масталерек по средбата на делегација на ПиС со Дуда.

Туск беше втор за посета кај претседателот, по што изјави дека имал „конструктивни разговори“. „Дуда нѐ увери дека ќе го почитува изборниот резултат. Ако се потврди дека опозицијата има мнозинство, тој (Дуда) нема да се колеба ни еден момент за да ѝ даде мандат за состав на влада“, изјави Туск.

„Претседателот уште нема донесено одлука“, рече Масталерек по консултациите во средата.

Шефот на Пис Јарослав Качински Полска
Шефот на Пис Јарослав Качински - победа на изборите, но не и апсолутно мнозинствоФотографија: Czarek Sokolowsk/AP/picture alliance

Дали на демократската опозиција ѝ се заканува поделба?

На што се надева ПиС? „Тактиката на ПиС се состои во максимално време на исчекување во надеж дека во демократската опозиција ќе дојде до конфликти и поделби“, смета политикологот Антони Дудек. „Национал- конзервативците сакаат да остават време за коалицијата да се раскара.“

Вистина е дека уште сега се видни први разлики. Правото на жените на абортус во првите 12 недели од бременоста, кое за Левицата е неприкосновено, политичарите од Третиот пат го нарекоа неприфатливо.

Партијата на Качински  меѓутоа не сака да се ограничи само на пасивно чекање на можниот раздор во редовите на противникот. ПиС се обидува да корумпира одделни пратеници и да ги привлече со нудење лукративни функции на своја страна. Козинијак Камиж од Третиот пат наводно добил понуда да биде кандидат за премиер на ПиС. Луѓето од неговата партија добиваат повици од членови на ПиС со понуди за атрактивни места. Но, досега никој не ја смени страната.

Доналд Туск, Урсула фон дер Лајен
Доналд Туск во Брисел се сретна и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен Фотографија: Johanna Geron/REUTERS

Туск во Брисел се бори за милијарди за Полска

Долг преоден период за идниот премиер Туск би бил проблем. ПиС блокира преземање на власта и го обвинува за неисполнување на неговото главно ветување од изборната кампања. Европската комисија замрзна 35 милијарди евра од Фондот за обнова по короната за Полска во рамки на постапката поради непочитување на правната држава од страна на владата на ПиС. Туск вети дека овие пари ќе ги ослободи веднаш по изборна победа. Затоа тој во средата (25.10.) отпатува во Брисел, каде се сретна и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. „Сакам да ги спасам парите кои ѝ следуваат на Полска“, рече тој.

Пратеникот Дариус Јонски насетува друг мотив за одолговлекувањето на предавањето на власта. Пратеникот кој е специјализиран за откривање скандали, укажува на фактот што внатрешната тајна служба во последно време итно набавила бројни апарати за уништување на документи, кои во одделни министерства се во погон нон-стоп.

Качински во пензија?

Не сите политичар од ПиС се спремни да ги игнорираат тврдите политички факти. Затоа во партијата започна потрага по виновници за поразот. Генералниот секретар на партијата и близок соработник на Качински, Кржиштоф Соболевски, во средата поднесе оставка.  И самиот Качински,  иконата на полската десница, се наоѓа под критика. На прашање на еден новинар дали ќе оди во пензија, шефот на кабинетот на Дуда, Масталерек, без колебање изјави: „Да.“. Како причина за губењето на власта на неговиот табор тој го наведе „гревот на ароганција.“

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.