Уште еден кризен самит
5 јули 2015Информацијата која од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел дојде само 15 минути по затворањето на гласачките места во Грција беше куса. Меркел утре попладне ќе отпатува во Париз на средба со францускиот претседател Франсоа Оланд, се вели во информацијата. Притоа, ќе се направи проценка на ситуацијата по грчкиот референдум и ќе стане збор за продолжување на тесната германско-француска соработка околу оваа тема.
Но, тоа сепак не беше доволно. Меркел и Оланд водеа телефонски разговор веќе вечерва и се заложија за вонреден самит на ЕУ во вторник. Што и да се разговара на него и каква и одлука да се донесе, за канцеларката просторот за дејствување станува се‘ потесен. На една страна, таа предолго се бореше за одржување заедно на Еврогрупата и притоа на нејзина страна не беше само францускиот претседател.
Од друга страна, Меркел мора да излезе на крај со тоа дека во Унијата ретко кој сака да соработува со грчката левичарска влада. Гласовите на оние кои не сакаат да се продолжува помошта за Грција уште во текот на изминатите недели не можеа да се игнорираат. Сега ваквото отфрлање на помош уште повеќе ќе се засили.
Остри тонови од ЦСУ
Колку многу ќе се засили можеше да се насети веќе вечерва, нешто по 20 часот, кога генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Андреас Шојер на Твитер напиша „Kali nichta, Hellas - Добра ноќ, Грцијо“. Сега мора да се реагира присебно, смета Шојер, но јасно е: „На левичарските уценувачи и измамници на народот како Ципрас не може да им помине нивната валкана тура“. Грчката левичарска влада го „остави народот во илузија дека може да има евро без реформи“.
Заменикот шеф на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, Ралф Бринкхаус, во својата изјава е помалку полемичен, но и според него шансите за натамошни пакети за помош на Грција се слаби. „За нас секогаш важеше и важи девизата - помош во замена за реформи.“ Ако тие реформи не се спроведуваат и грчката влада за тоа ја има поддршката од својот народ, тогаш навистина станува тешко.
Па, тогаш - „грекзит“
Пратеникот на ЦСУ Ханс Михелбах смета дека референдумот може да има само една последица: „Сега мора да се постави прашањето дали на Грција не би и‘ било можеби подобро надвор од еврозоната“, изјави тој. Грција, според него, „избра за жал пат кон самоизолација“. Оттука, нема основа за натамошни кредити за итна помош од страна на ЕЦБ. Еврозоната може да поднесе „грекзит“ , затоа што грчкиот удел во економското постигнување на евро-државите од 1,8 проценти е премал за да ја доведе во опасност еврозоната.
И сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле веќе не сака да исклучи можност за излегување на Грција од еврозоната, како што впрочем рече и пред референдумот. Тоа, меѓутоа, би донесло загуба за Германија тешка милијарди евра. Германија гарантира за грчките кредити со повеќе од 80 милијарди евра. „Грекзит“ би имал последици за добивката на Бундесбанката и со тоа за плановите на Шојбле околу буџетот.
И СПД гледа црно
Зигмар Габриел, шеф на СПД, коалициониот партнер во владата на Меркел, оцени дека негативниот одговор за „правилата на игра во еврозоната“ ги прави преговорите за нов пакет за помош „тешко замисливи“. За берлинскиот весник „Тагесшпигел“ вицеканцеларот и министер за економија Зигмар Габриел рече дека грчкиот премиер „Ципрас и неговата влада го водат грчкиот народ на патот на горчливи откажувања и безнадежност“. Ципрас го убедуваше народот дека со „не“ ќе биде зајакната преговарачката позиција на Грција. Меѓутоа, она што грчкиот премиер навистина го постигна е „уривање на последните мостови со кои Европа и Грција можеа да се доближат до компромис“.
Шефот на опозиционите Зелени, Џем Ездемир, меѓутоа е на мислење дека тоа не значи и дека Грција веќе не е на дневен ред. Проблемите на високо задолжената земја ќе останат вака или онака и натаму проблеми на Европа.
Левицата триумфира
Само една партија застапена во Бундестагот вечерва има поинакви зборови за референдумот. „Демократијата постигна нова победа во Европа“, коментираше лидерот на Левицата, Бернд Риксингер. „Грците по втор пат се спротивставија на катастрофалната политика на социјални кратења и економско опустошување.“ Резултатот, според Риксингер, е „НЕ за погрешниот лек, кој уште повеќе разболува“.