Меркел: Нема индиции за согласност со Атина
30 јуни 2015
Германскиот канцелар Ангела Меркел смета дека нема шанси за постигнување некаква согласност со Грција „во последна минута“. Денеска во Берлин Меркел изјави: Вечер, токму во 24.00 часот по средноевропско време, завршува програмата за помош. А мене не ми се познати никакви поинакви сигурни индиции“. Во однос на наводниот нов предлог од претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер, за да се овозможи постигнување согласност уште денеска, Меркел изјави: „Се’ што знам е дека последната понуда од Комисијата на ЕУ што ми е позната е од минатонеделниот петок. Повеќе не можам да додадам“. Но, и по истекот на втората програма за помош, Европа нема да ги прекине разговорите со Грција. Вратата останува отворена, порача Меркел.
И од Комисијата на ЕУ се скептични во однос на можноста во последен момент сепак да се постигне согласност со Грција. Претпоставка за тоа е придвижување на грчката влада во насока на предлозите од доверителите. Но такво придвижување досега немаше, рече Маргитис Схинас, главен портпарол на Комисијата на ЕУ. Претпладнето Јункер уште еднаш му понуди на грчкиот премиер Алексис Ципрас постигнување „согласност во последна минута“. Ципрас би морал писмено да потврди дека го прифаќа последниот предлог на доверителите од петокот, како и да агитира за позитивен одговор во врска со тоа на референдумот на 5. јули. И Схинас потврди дека ноќеска на полноќ истекува втората програма за помош, но дека останува отворена вратата за натамошни преговори со Грција.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер искажа резигнација во врска со обидите да се постигне согласност со Грција во должничката криза. Има ситуации во кои преговарачките партнери не си одат во пресрет, рече тој денеска во Берлин.При фер-оцена на преговорите, во изминатите денови не му се препречија на компромисот Комисијата на ЕУ или големите земји-членки. Напорите беа прекинати со решението на грчката влада за одржување референдум и со повикот да се отфрли предлогот на доверителите.
Грција нема да ја плати ратата на ММФ и бара нов пакет за помош
Нов пресврт во должничката драма може да биде барањето на таа земја за двегодишно продолжение на помошта, за што извести агенцијата Блумберг, специјализирана за финансиски информации. таа се повикува на изјава од кабинетот на премиерот Ципрас.
Грчкиот министер за финансии Јанис Вауфакис, според грчки медиуми, денеска во Атина потврдил дека неговата земја нема да ја плати ратата од речиси 1,6 милијарди евра од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), за што рокор истекува ноќеска на полноќ. Тој уште рекол: „Сакаме да останеме во еврозоната, но со некој договор со кој би можеле да се согласиме“.
Ципрас планира враќање кон драхмата?
Опозициониот пратеник Харис Теохарис од редовите на партијата „То потами“ („Река“), денеска во грчкиот парламент рече дека владата планира враќање кон драхмата. „Веќе има тим во кабинетот на премиерот кој во моментов работи за враќање на драхмата“, го цитира агенцијата Ројтерс грчкиот парламентарец. На овие негови зборови луто реагирал премиерот Ципрас, нарекувајќи ги „фантазии“.
Овој вербален дуел ја одразува вжештената атмосфера во Грција, на која и’ се заканува ноќеска и официјално да бакротира.