Грчкиот земјотрес и молчеливата канцеларка
29 јуни 2015Малиот владин авион Глобал 5000 беше полн со гориво и подготвен за четиричасовен лет кон Тел Авив. Но, нешто пред девет часот вчераутро, три часа пред Зигмар Габриел да полета за Израел од воениот дел на аеродромот Берлин -Тегел, тој го откажа патувањето.
На што би личело тоа, во време кога во европските престолнини во историска итна состојба се‘ се врти околу претстојниот банкрот на Грција, германскиот вицеканцелар и шеф на социјалдемократите денеска да отвора детско игралиште во кибуц кај Тел Авив?
Непосредно по откажувањето, Габриел не се „симнува“ од телефон. Членовите на раководството на СПД преку телефонска конференција разговараа за проблемот. Сите се на мислење дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја одбил подадената рака од Европа и дека, како што се вели, едноставно ги зафркнал партнерите. Притоа, понудата на кредиторите од петокот била исклучително великодушна. Сите во политички Берлин се огорчени, освен Левицата и Зелените, кои вината за пропаѓањето на разговорите им ја префрлаат на министрите за финансии.
Но, каде е канцеларката?
Откако Ципрас во петокот ноќта ја расипа работата со кредиторите, Ангела Меркел потона. Колку е сериозна ситуацијата докажува и телефоснкиот разговор на Меркел со американскиот претседател Барак Обама вчеравечер. Белата куќа потоа соопшти дека двете страни се единствени во ставот оти Атина мора задолжително да остане во еврозоната. Уште на самитот на Г7 во Елмау Обама интерно предупреди дека неуспехот на членката на НАТО, Грција, би бил многу ризичен и од геостратешки поглед, поради конфликтот со Русија околу Украина.
Меркел по последниот самит во Брисел стави до знаење дека излезот од грчката драма најрадо го гледа во рацете на министрите за финансии на еврозоната. Во нивните кругови актуелната грчка влада важи за „изгорена“, но сепак сите, почнувајќи од шефицата на ММФ Кристин Лагард до германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, повторуваат дека во секое време може да се разговара. Никој не сака да му биде забележано дека не се обидел да направи се‘ што е можно за да се спречи грчки банкрот и можен излез од еврозоната.
Тука се вклопува одлуката на монетарните чувари околу шефот на ЕЦБ, Марио Драги. Ако тој вчера го спуштеше палецот надолу за грчките банки, кризата ќе ескалираше до крај. Вака, ЕЦБ се‘ уште не ја затвора славината, но не го проширува ниту волуменот на кредити. Тоа најверојатно ќе ја заостри состојбата на грчките банки.
Но дали сето тоа му остава впечаток на народниот трибун Ципрас, кој според анкетите би можел повторно да победи на нови избори?
Има ли Меркел одговор?
Меркел се чини во текот на вчерашниот ден забележа дека мора да даде барем симболичен знак. Таа ги покани шефовите на партиите и на пратеничките групи на Унијата, СПД, Зелените и Левицата, на средба денеска попладне. Претходно Меркел е домаќинка на прославата на 70-годишнината на нејзината Христијанско-демократска унија. Говорот напишан одамна, би морала прилично да го преработи - 600 гости од својата „шефица“ очекуваат јасни зборови за грчката криза, исто како и остатокот од Европа.
Шефот на либералите Кристијан Линднер дури бара и вонредна седница на Бундестагот со владина изјава на канцеларката. Зелените бараат повторно вонреден самит на врвот на ЕУ. Меркел мора да се придвижи. „Кога кризата е на врв, не смеат последниот збор да го имаат министрите за финансии“, објаснуваат шефовите на пратеничката група, Катрин Геринг-Екарт и Антон Хофрајтер.
За Меркел многу работи се во игра. Парламентарните избори во 2013 година таа ги доби толку фуриозно меѓу другото и поради тоа што граѓаните и‘ веруваат дека може да ги држи заедно Европа и германските пари од даноци. Сојузната република со Грција може да загуби се‘ на се‘ околу 80 до 90 милијарди евра.
Ако Грција не успее, тоа нема да значи и неуспех на еврото. Но угледот на Меркел како строга, но успешна кризна менаџерка би бил загубен. „Каде што има волја, има и пат“, рече таа неодамна во врска со грчката драма. Има ли уште некој одговор или 27 јуни 2015 година ќе биде почеток на пресврт во историјата на долгото „канцеларување“ на Ангела Меркел?