1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Железната канцеларка

Сабине Кинкарц / превод: ЕМФ2 јули 2015

Ангела Меркел рече „не“ - таа ќе разговара за нов пакет помош за Грција дури по референдумот, а и тогаш под променети услови. Канцеларката враќа се‘ на почеток, смета Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/1FrbA
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Во еден момент се причини како да се‘ ќе биде во ред и ситуацијата ќе биде решена. Тоа беше моментот кога до јавноста допре информацијата дека во Брисел стигнало писмо на грчкиот премиер Алексис Ципрас, во кое тој во преносна смисла се предава и во перспектива става можно „да“ зазусловите кои ги поставија кредиторите. Можно е дури и откажување на референдумот. Овој момент, во кој се чинеше како се‘ да е отвотено, меѓутоа во Берлин мина многу бргу.

Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле беше тој што стапна на сопирачките уште пред да почне дебатата во Бундестагот околу ситуацијата по истекот на финансиската помош. Вториот пакет мерки за помош за кој Ципрас би можел да каже “да“ веќе истече, не постои, рече Шојбле. А потоа дојде и дополнувањето кое истовремено беше увертира во парламентарната дебата која следуваше. За натамошните постапки ќе мора да се разговара под многу отежнати предуслови, нагласи министерот за финансии.

Нема компромис по секоја цена

Што министерот за финансии, но и канцеларката под тоа подразбираат, стави многу јасно до знаење Ангела Меркел во својот 12-минутен говор во Бундестагот. Отсега натаму важат поинакви правила, не се веќе истите како до минатиот петок. До петокот со Атина не само што се преговараше постојано и постојано одново околу деталите на реформскиот пакет, туку пред се‘ се трагаше по компромис, кој во прва линија беше насочен кон тоа на Грците да им се излезе пресрет најмногу што е можно.

Во очите на Ангела Меркел компромис по секоја цена би било исто што и постигнување резултат само за да се постигне некаков резултат. Компромисите меѓутоа се добри само кога предностите преовладуваат. Во поинаков случај, таа како канцеларка никогаш не би се согласила со компромис, нагласува Меркел. Кој слуша вакви работи може да помисли дека канцеларката, земено во основа, воопшто не е тажна поради пропаѓањето на преговорите минатиот петок. Но таа тоа, се разбира, никогаш не би го изговорила гласно.

Sabine Kinkartz
Сабине Кинкарц, автор на коментаротФотографија: DW/Stefan Eichberg

Европските основни прашања

Наместо тоа, таа вели, и тоа сосема јасно, дека сега nастапиле други времиња. Фондот за спас ЕСФС е минато, кој сега сака да добие пари, мора да се држи до правилата на инструментот кој следуваше - ЕСМ. Тие се многу поостри и за Грците значат многу поинакви предизвици. Но во сила е ЕСМ и на канцеларката тоа сосема и‘ одговара.

Зашто, Ангела Меркел конфликтот со Атина отсега натаму го прогласи за европско основно прашање. Со него таа ја поврза својата долго време неслушната, но сега свежо исполирана изрека за пропаѓање на еврото. „Иднината на Европа е на коцка ако заборавиме кои сме и што не‘ прави силни - заедница каде владее правото и одговорноста“, рече канцеларката. „Тогаш би пропаднало еврото и со него и Европа.“

Други времиња

Ангела Меркел денес, затоа што е во тоа убедена, може да каже дека грчки банкрот, за разлика од пред 5 години, веќе не може да ја втурне Европа во понор. Би било непријатно и скапо, но веќе не е егзистенцијално опасно. Порака со која превртува на глава се‘ што се чинеше исправно во изминатите години, она што на Грците им сигнализираше: нема да дозволиме да паднете и ќе сториме се‘ за да останете во клубот. Но и она што придонесе за тоа канцеларката од 2010 година наваму да припаѓа кон оние кои намерно одолговлекуваа грчки банкрот. Со оглед на она што се закануваше, имено колапс на банките и со тоа и крах на еврозоната, тоа се чинеше како помало зло. Значи - затвори очи и терај, и надевај се дека во Грција работите околу модернизацијата веќе некако ќе се средат и дека нема да одат поинаку отколку во Ирска, Шпанија или Португалија.

Железна порака

Тоа не се случи, но тоа денес - ако се размислува во категории на моќ на владеење - веќе и нема влијание. Канцеларката повторно има цврсто тло под нозете и тоа го користи. Меѓу другото и за да поентира на внатрешнополитички план и да создаде во партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) повторно единство. Зашто, почетните сомнежи околу помошта за Грција на која се чинеше дека и‘ нема крај, во Унијата се претворија во отворен отпор.

Како и да одат натаму преговорите со Грција, едно е јасно: германската влада, која во последно време многу се повлече и им го препушти полето на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓунардниот монетарен фонд, во иднина повторно ќе стане повидлива и тоа сo една многу јасна, железна порака.