На повидок договор за размена на затвореници меѓу САД и Иран
16 септември 2023Договорот сѐ уште не е финализиран, но според информациите на весникот „Вашингтон пост“ и на новинската агенција Ројтерс, САД и Иран се пред голема размена на затвореници. Како што може да се види од американскиот документ цитиран од медиумите, првиот чекор е дозвола од страна на САД за ослободување на замрзнатите ирански средства. Околу шест милијарди американски долари (5,58 милијарди евра) се наоѓаат на сметки во Јужна Кореја и сѐ уште не можат да се префрлат поради американските санкции.
Со американската вонредна дозвола банките сега можат да ги префрлат овие пари - но не непосредно во Иран, туку на сметки во Катар. Како што уште известуваат медиумите, државниот секретар Ентони Блинкен ја потпишал дозволата за изземање од санкциите кон крајот на минатата недела, но го известил Конгресот дури во понеделникот (11 септември, 2023). Тоа значи дека еден од клучните предуслови на Техеран за претстојната размена на затвореници е исполнет. Блинкен нагласил дека милијардите можат да се користат само за хуманитарни, но не и за воени цели.
Веројатно ќе бидат ослободени по пет затвореници од двете страни
За возврат, се очекува Иран да ослободи пет американски државјани кои до неодамна беа притворени, а потоа префрлени во домашен притвор. Иранците затворени во САД, исто така, се очекува да бидат ослободени како резултат на договорот.
„Вашингтон пост“ пишува дека планирано е ослободување на пет лица. Сепак, сѐ уште се работи на деталите од договорот, а трансферот на пари и размената на затвореници би можеле да се случат веќе наредната недела, јавува Ројтерс, повикувајќи се на упатени лица.
Забелешки за договорот
Меѓу американските државјани во ирански притвор се бизнисменот Сијамак Намази, кој беше осуден на 10 години затвор за шпионажа во 2016 година, бизнисменот Емад Шарги, кој е во затвор од 2018 година, и еколошкиот активист Морад Тахбаз.
Сите тројца имаат иранско државјанство, а Тахбаз има и британско државјанство. Иран, од своја страна, со години се обидува да ослободи десетина сонародници затворени во САД, од кои некои се државјани на двете земји. Веќе има приговори за евентуалниот договор за размена на затворениците. Критичарите во САД стравуваат дека Техеран сепак ќе може да ги искористи милијардите долари за воени цели.