Американските санкции против Иран стапија во сила
7 август 2018Со првата рунда на санкциите, која стапува во сила денеска, САД сакаат, меѓу другото, да го спречат Иран да тргува со злато и благородни метали, како и да спречат трговија со одредени суровини и индустриски софтвер, а на таа земја не би требало веќе да ѝ се доставуваат ниту патнички авиони и делови за авиони. Погоден е и иранскиот автомобилски сектор.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека целта на контроверзните мерки е да изврши „максимален економски притисок“ врз Иран, кој економски и онака е во лоша состојба. Одлуката за обновување на санкциите беше најавена уште во мај. Трамп ја обвинува владата во Техеран дека му дава поддршка на тероризмот и дека шири крвопролевање, насилство и хаос. „Иран до денес претставува закана за САД и за нашите сојузници“, вели Трамп.
Повеќе: Трамп глуми добар/лош полицаец
Во втората рунда санкции, кои се најавени за ноември, САД имаат намера да му нанесат уште поголема болка на Иран, имено треба да се запре увозот на нафта од Иран во други држави и да се парализира меѓународниот платен промет со таа земја.
„Трамп води психолошка војна“
Иранскиот претседател Хасан Рохани во телевизиски говор се обиде да ги смири своите сонародници. Во врска со понудата на Трамп за разговор, тој рече: „САД се откажуваат од Атомскиот договор, повторно ги враќаат санкциите против Иран, а потоа сакаат да разговараат со нас.“ Според Рохани, на Америка не може да ѝ се верува.
Рохани уште еднаш потврди дека Иран сака да се држи до Атомскиот договор. „И покрај санкциите, ќе му покажеме на светот дека си стоиме на зборот и се држиме до меѓународните договори.“ Рохани ја поздрави реакцијата на Европејците, од кои сега очекува конкретни мерки.
Повеќе: Европа најавува отпор против американските санкции кон Иран
ЕУ во спорот се позиционираше на страната на Иран и стриктно отфрла санкции. Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија, како и првиот дипломат на ЕУ, Федерика Могерини, уште еднаш го потврдија своето противење на казнените мерки. ЕУ ќе работи на одржување на платниот промет со Иран и на бизнисот со нафта и гас, се вели во заедничката изјава. Во изјавата од Брисел се потенцира и решителноста за заштита на европските фирми кои работат во Иран. Затоа, денеска стапува во сила ЕУ-уредбата со која се регулира обесштетувањето на фирмите. Имено, претпријатијата ќе можат да бараат обесштетување од САД за можните трошоци и загуби. Теоретски дури се отвора и можност за казнување на ЕУ-фирми кои се држат до американските санкции без дозвола на ЕУ.
Американската влада сака да ги примора странските претпријатија да им стават крај на своите бизниси со Иран, или во спротивно ќе бидат исклучени од бизниси во САД.
Иранската валута од април загуби половина од вредноста
Иран, од своја страна, со оглед на развојот на ситуацијата има намера да ги укине ограничувањата на внесување злато и девизи во земјата. Државната телевизија јави дека треба да се укине забраната за менувачниците да продаваат цврсти валути по нестабилни курсеви. На извозниците ќе им се дозволи да им продаваат девизи на увозниците по слободен курс. Освен тоа, се гарантираат ниски цени на основните животни намирници и на лековите.
Повеќе: Иран поставува услови за средба со Трамп
Поради санкциите кои се најавуваа, иранската валута, ријалот, од април наваму загуби половина од вредноста. Фирмите и физичките лица купуваат девизи за да се „вооружат“ против новата американска политика. Економскиот пораст се ниша, невработеноста и инфлацијата растат. Тоа го зголемува притисокот врз иранскиот претседател Рохани, кој важи за умерен и прагматичен и им оди на рака на хардлајнерите во земјата.
Со Атомскиот договор, постигнат во 2015 година, Иран би требало да се спречи да произведува нуклеарно оружје.
Техеран изрази подготвеност да се откаже од атомската програма и да биде подложен на контроли, а за возврат му беа ветени економски олеснувања и поголеми странски инвестиции. Американскиот претседател Трамп во мај најави повлекување од Атомскиот договор. Тој повеќепати криткуваше дека договорот не може да спречи изградба на атомска бомба и дека само ѝ овозможува на владата во Техеран да дојде до пари. Меѓународната агенција за атомска енергија постојано потврдува дека земјата се држи до обврските од атомскиот договор.