Иран со тужба во Хаг против американските санкции
27 август 2018Меѓународниот суд на правдата денеска започна да ја разгледува тужбата на Иран против САД поради повторното воведување на економски санкции. Расправата во судот во Хаг започна нешто по 10 часот и ќе трае четири дена, до четврток 30 август. Иран тужбата ја поднесе на 16 јули.
Иранската делегација ќе се заложи за укинување на новите американски санкции кои, како што наведува, имаат драматични последици врз иранското стопанство. Иранските власти претходно наведоа дека тужбата се однесува на американското прекршување на меѓународните обврски преземени со американско-иранскиот договор за пријателство од 1955 година. Тој договор во неколку наврати беше споменат во споровите меѓу Техеран и Вашингтон пред овој суд. Иран и САД не одржуваат дипломатски односи од 1980 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 8 мај годинава објави дека неговата земја се повлекува од Нуклеарниот договор, кој со Иран во 2015 година го постигнаа шест големи сили- САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија. Трамп покрај повлекувањето од договорот најави и повторно воведување на санкции против Иран.