ЕУ контра САД- заобиколување на санкциите кон Иран
25 септември 2018Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, по средба со претставници на земјите-потписнички на Атомскиот договор со Иран од 2015. година, соопшти дека е постигнат договор за формирање посебен механизам, кој ќе овозможи легитимни финансиски трансакции со Техеран. На тој начин деловните врски на европските претпријатија со Иран можат да продолжат без проблеми. Могерини разговарала со претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Русија, Кина и Иран на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кои биле едногласни во оценката дека Техеран во целост ги исполнува своите обврски од Нуклеарниот договор.
Повеќе:
Иран со тужба во Хаг против американските санкции
Европа најавува отпор против американските санкции кон Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп во мај еднострано го откажа Виенскиот договор за ограничување на иранската нуклеарна програма од 2015. година, оценувајќи го за недоволен, иницирајќи повторно влегување во сила на поранешните економски санкции. На почетокот на ноември треба да следи нова рунда казнени мерки, чија цел е блокирање на нафтениот извоз на Иран. Санкциите се насочени и против фирми од трети држави кои ќе продолжат да соработуваат на економски план со Техеран, од што се погодени и бројни европски претпријатија. Формирањето посебен механизам заради продолжување на деловните односи со Иран значи и спас на Атомскиот договор, истакна Могерини, што е од интернационален интерес.