Хрватска мора да ги почитува правилата на игра на ЕУ
8 август 2013ДВ: Неодамна испративте писмо до Европската комисија во кое наведувате дека Хрватска во случајот „Лекс Перковиќ“ го крши европското право. Што сакавте да постигнете со испраќањето на тоа писмо?
Крихбаум: И Хрватска мора да ги почитува правилата на игра на ЕУ и мора да ги почитува правилата на Договорот за пристап во Европската унија. Со промена на споменатиот закон непосредно пред влезот во Унијата, Хрватска ги промени правилата на игра. Тоа во Германија предизвика големи иритации. Хрватската владата преку „Лекс Перковиќ“ се обиде да го заштити не само Перковиќ, туку и некои други личности, кои во Германија и во некои други држави се сомничат дека сториле тешки кривични дела. Тоа не е во согласност со правилата на Европската унија. Затоа и лично ја критикував таа постапка на хрватската влада и ѝ се обратив на надлежната европска комесарка Вивијан Рединг. Таа и самата е многу активна по ова прашање и последните недели сосема јасно ја потсети хрватската влада на нејзините обврски. Срдечно го поздравувам одлучниот настап на Европската комисија. Уверен сум дека Хрватска наскоро ќе почне да се придржува до правилата на игра.
ДВ: Што ќе се случи по 23. август доколку Хрватска сепак не почне да ги почитува правилата на игра? Кои санкции ѝ се закануваат на Хрватска доколку владата во Загреб не го повлече „Лекс Перковиќ“?
Крихбаум: Не мора нужно да дојде до санкции. Поаѓам од тоа дека хрватската влада секако има интерес да не дојде до такво губење на угледот. Важно е Хрватска како најмлада членка на ЕУ брзо да го пронајде своето место во европскиот клуб. Не се работи само за казнување на Хрватска! Важно е хрватските граѓани да сфатат дека членството во Европската унија им донесува предности, а тоа е можно да се постигне само кога без исклучок се придржува до европските стандарди. Затоа и тргнувам од тоа дека во интерес и на хрватската влада е да се врати во кругот на европското право. Спорниот закон треба да се повлече колку што е можно поскоро. Не е во интерес на Хрватска да има нови иритации околу ова прашање.
ДВ: Дали Вие лично сте разочарани од однесувањето на хрватската влада во контекст на донесување на „Лекс Перковиќ“?
Крихбаум: Јас без никакво двоумење бев изненаден дека тоа е направено само неколку денови пред влезот во ЕУ. Германија како голем пријател секогаш го поддржуваше влезот на Хрватска во Унијата. Иако ние во Бундестагот релативно доцна го ратификувавме Пристапниот договор, но тоа беше од интерес на хрватските граѓани. Сакавме да се решат отворените прашања пред влезот во ЕУ. Ние на тој начин сакавме да го одржиме притисокот врз владата во Загреб. Да не заборавиме дека реформите не се спроведуваат за да му се допаднат некому во Германија или во Европската унија, реформите се спроведуваат во интерес на граѓаните. Се надевам дека хрватската влада ја сфати пораката од Брисел.
ДВ: Како во овој момент ги оценувте традиционално добрите германско-хрватски односи? Дали тие се нарушени со случајот „Лекс Перковиќ“?
Крихбаум: Одлучна реакција на Европската комисија сигурно ќе придонесе многу брзо да се отстрани настанатата иритација. Верувам дека тоа ќе се случи. Воопшто не би имало смисла хрватската влада да се спротивстави на тоа. Бидејќи Европската комисија има на располагање можности да реагира врз основа на Член 39. од Пристапниот договор. Би било штета ако тоа се случи. Длабоко сум уверен дека Хрватска самата има најголем интерес да продолжи со градењето на доверба со европските партнери. Ние во Германија многу се радувавме на пристапот на Хрватска во ЕУ. Тоа нема да се смени поради ова што се случува („Лекс Перковиќ“).