„Хрватска одбива да израчи криминалец“
31 јули 2013„Хрватска одбива екстрадиција на криминалци“, е насловот во онлајн изданието на Шпигел, во кој весникот се осврнува на пишувањето на хрватскиот Јутарњи лист и случајот Перковиќ, кој ја „разлути“ германската влада, а и канцеларката Ангела Меркел. Шпигел Онлајн пренесува дека Јутарњи лист пишува како новата членка на ЕУ , Хрватска се противи да предаде околу 20 наводни криминалци. „Тие лица, за кои пред се' во Австрија, Словенија и Германија е издадена меѓународна потерница поради убиства, трговија со дрога, силувања, парична измама и злоставување деца, не мораат да се плашат дека ќе дојде до израчување“, појаснува овој весник. Шпигел понатаму пишува дека причина за тоа е законот, кој хрватскиот паламент го донесе само 2 дена пред влезот во ЕУ, а со кој се забранува екстрадиција, доколку казненото дело е направено пред 7. август 2002. година.
12.000 евра за апсење на Перковиќ
„Тој спорен и по итна постапка донесен закон кој очигледно е наменет пред се' да го штити поранешниот службеник на југословенската тајна служба УДБА а потоа и на хрватските тајни служби Јосип Перковиќ, за кого германскиот Врховен суд распиша меѓународна потерница. Перковиќ се обвинува дека во 1983, уште за време на Југославија, дал налог за убиство на еден дисидент во Баварија. Германското државно обинителство за апсењето на Перковиќ распиша награда во висина од 12.000 евра“, наведува Шпигел Онлајн. Весникот додава дека на почетокот на јули, германскиот налог за израчување на тој генерал иако стигнал кај хрватските власти, не бил обработен, како и дека германското државно обвинителство трага и по петмина соработници на тој поранешен разузнавач. Како причина за спорниот закон зад кулисите се наведува, пишува понатаму Шпигел, тоа што Перковиќ како долгогодишен разузнавач знае премногу за илегалните и тајни акции на Југославија, а потоа, и на Хрватска. „Тајните југословенски служби и нејзините земји наследнички секогаш одново се обвинуваат за убиства на бројни владини критичари во странство“, пишува Шпигел Онлајн, поврзувајќи гоова и со недоаѓањето на германската канцеларка Меркел на свеченоста за приклучување во ЕУ во Хрвтска. Меркел официјално откажала поради неодложни термини, но во Хрватска се шпекулира дека нејзиното откажување има врска со лутината поради случајот Перковиќ“, заклучува Шпигел Онлајн.
Скандали во државниот врв на Србија без никакви последици
Зиддојче Цајтунг во денешното печатено издание (31.7.) се осврнува на „долгиот пат на Србија“ кон ЕУ. Весникот пишува дека напредокот во преговорите со Косово и во областа на европски интеграции не стои на списокот ветувања на новата влада, но оти владата на Ивица Дачиќ и неговиот заменик, Александар Вучиќ, токму во тоа се истакнала. Весникот напоменува дека, по долготрајните преговори на Белград и Приштина, е направен договор меѓу Србија и Косово кој навистина го овозможил ветувањето на Брисел за почеток на пристапните преговори во 2014. година, но оти Србија претходно мора не само да ги реши бројните отворени прашања со Косово, туку и да го примени договорот.
„Ни разговорите со ЕУ нема да бидат лесни. Економијата во земјата е застарена, државниот апарат е гломазен, и ниедна од реформите, ветени пред една година, не е спроведена. Државниот долг е голем и расте, а и на онака големиот број сиромашно население му претстојат болни кратења. Освен тоа, ЕУ по лошите искуства со Романија и со Бугарија , каде по пристапувањето и понатаму цветаат корупција и неправда, ќе сака со Србија рано да разговара за темите како што се правосудството, граѓанските права, владеењето на правото и борбата против корупција. А токму тука состојбата во Србија е многу лоша“, пишува Зидојче Цајтунг, наведувајќи ги при тоа скандалите кои последните години ги потресоа водечките луѓе во земјата, а кои се однесуваат на аферата прислушкување на високи политички претставници од страна на полицијата, а која ја обелодени вицепремиерот Александар Вучиќ. Тука потоа е и скандалот околу Ивица Дачиќ, кој во својата канцеларија се сретнувал со наводниот мафијаш, член на групата на мафијашкиот бос Дарко Шариќ, за кој се трага, пишува Зидојче Цајтунг. „Ни тој скандал не доведе до оставка на Дачиќ, а ни до осуда од страна на ЕУ или германската дипломатија, како ни до парламентарната истражна комисија или какво било друго средство за разјаснување на случајот. Меѓутоа, една земја, во која таквите случувања остануваат без последици, до подготвеноста за влез во ЕУ има уште многу долг пат пред себе“, заклучува Зидојче Цајтунг.