1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки и непредвидливи времиња за еврозоната

22 декември 2011

На крајот од годината економистите гледаат во кристална топка. За светската економија во кристалната топка гледаат како доаѓаат облаци. А, и за еврозоната, погодена од кризата, прогнозите се тмурни.

https://p.dw.com/p/13Wyz
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Чудна е сликата што Германија ја нуди во моментов: XL раст на економијата од три проценти годинава, извозот за првпат од преку илјада милијарди евра и рекордно ниска стапка на невработеност. Од друга страна, Германците се загрижени како ретко кога, а причина за тоа е еврокризата и грижите за инфлацијата.

Но, што прават луѓето кои имаат страв за вредноста на своите пари или кои дури не знаат дали нивната валута ќе постои во 2012-та година? Тие ги трошат парите. Личната потрошувачка придонесе со половина во економскиот раст годинава. Стравот не е единствената причина за потрошувачката.

Eurokrise Kritik Dossierbild 1
Луѓето ги трошат парите кога имаат страв за нивната вредностФотографија: picture-alliance/dpa

„Досега имавме многу силен развој на пазарот на трудот“, вели  Роланд Дирн од Институтот во Северна Рајна Вестфалија за економски истражувања, кој и за следната година гледа еден робусен развој на приходите.

Германија ќе расте минимално

Тој смета дека во 2012-та година ќе се постигне стапката на раст во Германија од 0,6 проценти пред се’ преку приватната потрошувачка. Тој притоа ја  поставува горната граница во прогнозите, кои овие денови ги објавуваат различни институти.

Наспроти  тоа, Истражувачкиот оддел на Дојче Банк не очекува ништо повеќе од стагнација  односно раст од 0 проценти. Ќе дојде до застој во позитивниот тренд на пазарот на трудот, вели аналитичарот Штефан Шнајдер, бидејќи луѓето повеќе не би имале очекувања дека ова е краткорочна криза со која ќе се справат, туку дека сега има структурна криза на прилагодување во еврозоната.

Тешки времиња за индустриските земји

Одредени земји од  европската монетарна унија предолго живееја преку своите можности. Со спасувањето на презадолжените земји, должничката спирала ги повлече и релативно добростоечките земји. А, последица од тоа е дека речиси сите земји од ЕУ, и внатре и надвор од еврозоната, си наметнаа програма за штедење. Но, проблемот настанува ако сите земји штедат истовремено, смета Шнајдер. Затоа не зачудува тоа што Шнајдер и' предвидува на еврозоната лесна рецесија и предвидува намалување на економските перформанси на монатарната унија за 0,5 проценти во 2012-та година.

Сепак, кога станува збор за светската економија многу економски експерти предвидуваат глобален раст во висина од 3,5 проценти и тоа благодарение на азиската економија, која бележи економски бум. Но, сите прогнози паѓаат во вода кога станува збор за излез од кризата на еврозоната. Ако монетарната унија пропадне, сите прогнози ќе станат ирелевантни. Малку е веројатно тоа да се случи, но ако се случи секако би се одразило на целиот свет, смета економскиот експерт Роланд Дерн. А, ваквиот развој на настаните, „ако зборуваме искрено, не може да се прогнозира“, заклучува економскиот експерт.

Автор: Цанг Данхонг / Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска