Социјален бунт во БиХ
7 февруари 2014„Ова е неконтролиран револт поради прекумерната употреба на сила од страна на полицијата во средата (05.02.). Дојдов од работа, јас не сум хулиган. Ама ова е срамота“, вели момче во работничка униформа не сакајќи да го открие својот идентитет бидејќи како што вели „татко му е познат синдикален работник“.
За тоа колку е сериозна „тузланската буна“ најдобро говорат податоците за бројот на повредени. Лекарска помош до вчера побарале 34 полицајци и 11 граѓани. Полицијата во текот на денот во повеќе наврати со солзавец, водени топови и чадни бомби ги разбиваше редовите на демонстрантите на повеќе градски улици.
По ескалацијата на судирите, прво во Тузла, а потоа и во други градови во Федерацијата БиХ, ноќта мина мирно и без поголеми инциденти. На улиците на Тузла има силни полициски сили и ситуацијата е под контрола, барем до новите протести најавени за денеска, овојпат шриум БиХ, бидејќи многумина веруваат дека овие случувања конечно ги обединија граѓаните на земјата кои повеќе не можат да ја трпат катастрофалната состојба во земјата.
Психологот Срѓан Пухало вели дека ова „случување на народ“ требало одамна да се случи, дека реакцијата е малку задоцнета, но ако се погледне севкупната безнадежност која ги снајде граѓаните на БиХ, никогаш не е доцна: „Ова што сега се случува е реакција на сиромаштијата, која е сѐ поприсутна. Тоа се нарекува безбедежност на босанско-херцеговското општество и незаинтересираност на политичарите да ги решаваат проблемите на граѓаните. Тоа ги мотивира граѓаните своето незадоволство да го искажат на ваков начин.
Протести и во Бањалука
И граѓаните на Република Српска се солидаризираат со граѓаните на Федерацијата БиХ. Во Бањалука денеска треба да се оддржи протестен марш како знак на бунт против неодговорната власт која на народот со години не му нуди никаква перспектива. Здружението на граѓани „Остра нула“ и Хелсиншкиот комитет на Бањалука за денеска најавија протести во овој град за да ги потсетат властите на сите обесправени работници и уништени стопански гиганти.
Многумина меѓутоа како во Република Српска така и во Федерацијата БиХ се прашуваат: Што ако на власт дојдат некои други, без оглед на која политичка опција ѝ припаѓаат? Дали тие ќе ни донесат уште поголема несреќа или навистина се потребни радикални промени? „Тоа можеби не е решение, но е јасна порака дека некој мора да побара решение“, вели психологот Пухало.
Инаку денеска (07.02) во Тузла, но и во неколку други кантони во Федерацијата БиХ не се оддржува настава во основните и средните училишта, а на родителите им е препорачано децата да не ги пуштаат на улица. Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ ја извести јавноста дека повредениот полицаец во Тузла е во животна опасност. Тој уште истакна дека власта јасно прави разлика меѓу обесправените граѓани кои ги бараат своите права и хулиганите кои ја користат ситуацијата за предизвикување на уште поголем хаос. Тој и голем број други политичари од сите нивоа на власта апелираа до граѓаните да не подлегнуваат на емоциите туку да се раководат од разумот. Дали навистина ќе биде така и дали „босанската пролет“, како што многумина ја нарекуваат, веќе започна, сѐ уште не може да се каже, бидејќи неколку протести во полседните две кодини кои беа нарекувани историски за БиХ беа „задушени“ за неколку дена.