1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осиромашената БиХ и натаму „молчи и трпи'

Самир Хусеиновиќ/ Симе Недевски6 јануари 2014

Јазот меѓу богатите и сиромашните во БиХ е сѐ поголем, но социјално-економската криза во земјата сѐ уште не достигнала степен во кој е можен социјален бунт, тврдат аналитичарите. Во 2014.не се очекуваат битни промени.

https://p.dw.com/p/1AlkB
Фотографија: DW/S. Huseinović

Претставниците на граѓанските здруженија тврдат дека податоците на Агенцијата за статистика на Босна и Хецеговина, според кои просечна месечна плата во земјата се движи околу 800 конвертибилни марки (КМ) не ја одразуваат вистинската состојба. Ваквиот просек, сметаат аналитичарите, е добиен благодарение на огромните примања на вработените во јавната управа и во неколку јавни претпријатија во земјата. Според податоците на здруженијата на потрошувачи, месечната плата на мнозинството граѓани во БиХ изнесува од 200 до 600 КМ, додека примањата на најголем дел од пензионерите се под 300 КМ.

Од друга страна месечните примања на вработените во јавната управа односно во институциите на власта надминуваат и 5000 КМ. Под насловот „Пропаста ни е гарантирана“, политичкиот аналитичар Алмир Терзиќ на својот Фејсбук профил објави податоци за примањата на парламентарците во Босна и Херцеговина. Според тие податоци, само надоместоците кои ги добиваат некои парламентарци за посета на семејството, одвоен живот, сместување, репрезентацијата и за трошоците за мобилни телефони, повеќекратно ги надминуваат просечните примања на мнозинсвото вработени во БиХ.

Screenshot Facebook Profil Almir Terzic
Фејсбук профилот на Алмир ТерзиќФотографија: facebook/Almir Terzic

Во БиХ повеќе не постои средна, работничка класа

Алмир Терзиќ смета дека јазот меѓу богатите и сиромашните во земјата е сѐ поголем, и оти актуелната политичка елита ни во 2014. година нема да преземе ништо за да ги намали тие разлики. „Цело време работеа само за себе, за партиските, групните и семејните интереси. Ако јавните претпријатија и фирмите во државна сопственост не ги приватизираа евтино, тогаш ги претворија во свои феудални поседи. Направија толкави социјални разлики така што во БиХ повеќе не постои средна работничка класа, свен ако во тоа не се вброи државната администрација која е сочинета од нивен кадар“, вели Терзиќ за ДВ.

Almir Terzic, Politologe Bosnien und Herzegowina
Алмир Терзиќ, политиколог од БиХФотографија: DW/S. Huseinović

Босна и Херцеговина е најсиромашна европска земја и во многу нешта заостанува зад државите во регионот. Таа меѓутоа предничи во корупцијата и висината на платите на вработените во институциите на власта. „На пример, министер во Советот на министри на БиХ има основни примања од околу 2200 евра а неговиот колега во Србија или пак во Црна Гора околу 1000 евра. Притоа просечната плата во Црна Гора изнесува 480 евра а во БиХ, според податоците на Агенцијата за статистика, 410 евра. Каде е тука логиката и социјалната правда? Во БиХ претставниците на власта мислат само на себе. освен ретки кои се откажаа од платите. Сѐ останато се само изигрување на гладниот народ“, вели Терзиќ.

Повеќе нема социјалистичко самоуправување

Професорот на Филозофскиот факултет во Сараево, Салих Фочо смета дека во транзициско општество „тешко е да се зборува“ за социјална правда бидејќи наместо стариот систем, кој почиваше на социјална еднаквост, воспоставен е „систем кој подразбира нееднаквост“. „Социјалните раслојувања во БиХ се условени од процесот на приватизација и урнисување на моделот според кој работниците беа сопственици на производните средства. Средната класа исчезна а голем број граѓани на БиХ денес е во состојба на социјална нужда. Таков процес на приватизација им беше наметнат на речиси сите источноевропски земји“, вели социологот Фочо за ДВ.

.

Sarajevo Straße Leute
Нема повеќе средна класа во БиХ, тврдат експертитеФотографија: DW/S. Huseinović

Но додека повеќето други источноевропски земји напредуваа во процесот на придружување кон ЕУ, а некои од нив денес се меѓу најразвиените членки на европската заедница, БиХ стагнираше. Аналитичарите оценуваат дека вината за тоа не ја сноси само политичката елита туку и граѓаните кои повеќе од 20 години ја трпат неефикасната власт. Во други земји паѓаат влади, високи државни службеници обвинети за криминал, злоупотреба на функцијата завршуваат во затвор, а граѓаните на демонстрации често се придвижувачи на позитивни општествени процеси.

Зошто граѓаните на БиХ трпат и молчат?

Појаснувајќи го тој феномен социологот Салих Фочо вели дека не постои критична социјална маса која може да ја промени состојбата во БиХ: „Поради уставниот поредок и поделбата на етнички групации не е можно да се добие критична маса за социјални промени и тоа ја разликува БиХ од другите земји. И минатогодишните протести за единствен матичен број на граѓаните ја покажаа состојбата на свеста во БиХ. Иако стануваше збор за работа во интерес на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност, во екот на протестите немаше повеќе од 5000 луѓе“, вели Фочо.

Sarajevo - Demonstrationen gegen die zerstrittenen Politiker
Само околу 5000 луѓе учествуваа на последните протести во БиХФотографија: DW/S. Huseinovic

Професорот Фочо смета дека во БиХ се можни дополнителни социјални раслојувања и оти социјално-економската криза сѐ уште не достигнала степен, кој граѓаните на земјата би ги натерал да ги надминат етничките, религиозните и политички разлики. „Кога ќе се случи тоа, до израз ќе дојде социјалниот бунт. Тој бунт ќе бара промени и воспоставување на оние политички сили кои ќе мора да отворат нова перспектива и надеж за граѓаните на оваа држава“, вели Фочо.