1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Тузла тензично, протестите во БиХ се шират

ЕМФ/ЗИ/фена6 февруари 2014

На улиците на Тузла денеска се судрија демонстрантите и полицијата, потврди портпаролот на полицијата на Тузланскиот кантон, Изудин Шариќ. Нема уапсени, но има повредени. Социјалните протести се шират и во други градови.

https://p.dw.com/p/1B3sc
Фотографија: klix.ba

На демонстрациите во Тузла денеска (06.02.) учествуваа две до три илјади лица. Демонстрантите фрлаа со јајца и пиротехнички средства, а во знак на протест го запалија и кантоналното знаме, извикувајќи „крадци“.

Портпаролот на полицијата во Тузла, Изудин Шариќ, соопшти дека нешто по 13 часот дошло до судири меѓу демонстрантите и полицајците, при што демонстрантите фрлиле „солзавец“, од кој е повреден „еден полицаец“. Според Шариќ, демонстрантите фрлале и Молотови коктели. Полицијата возвратила на нападите, по што демонстрантите се разбиени во помали групи. Уапсени нема, а во Службата за итна медицинска помош во Тузла се примени 30 пациенти, од кои 22-ца полицајци и осуммина цивили. Станува збор за полесни повреди, предизвикани од солзавец и удари со тврд предмет, изјави портпаролот на Здравствениот дом Тузла, Адис Нишиќ.

Unruhen in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: klix.ba

Полицискиот гласноговрник Шариќ нагласува дека ситуацијата во Тузла не се смирува. Инаку, протестите во овој град почнаа вчера (05.02.), кога беа повредени 22 лица. Протестите почнаа со мирно собирање на работниците на фирмите „Полихем“, „Дита“, „Коњух“ и „Полиохем“ пред зградата на Владата на Тузланскиот кантон во Босна и Херцеговина, а завршија со судири меѓу полицијата и демонстрантите. Многу од демонстрантите ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила. Според дел од босанските медиуми, претставници на Владата на Тузланскиот кантон денеска на разговори примиле претставници на четирите фирми, но исходот од разговорите засега не е познат.

Во знак на поддршка на граѓаните на Тузла на протести денеска излегоа и граѓани во Сараево, Бихаќ и Зеница.