Обид на демонстрантите да се пробијат до канцеларијата на Ердоган
2 јуни 2013Според турската телевизија НТВ полицијата интервенирала кога демонстрантите направиле обид да се пробијат до канцеларијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган. На протестите во Анкара учествуваат околу илјада луѓе.
Премиерот Ердоган нема намера да попушти пред жестоките протести на опозицијата. Тој денеска ја отфрли критиката дека има авторитарен стил на владеење. „Ако диктатор нарекуваат некого кој е во служба на народот, тогаш немам што повеќе да кажам“, го цитираат турските медиуми шефот на турската влада. Ердоган ги нападна жестоко демонстрантите, подвлекувајќи дека не мора да бара дозвола за проекти од некакви „уништувачи“. Премиерот ги обвини демонстрантите за подметнување пожари и ограбувања.
Во Турција од петокот (31.05) демонстрираат десетици илјади луѓе против исламско-конзервативната влада на Ердоган. Протестите се разгореа откако полицијата интервенираше против демонстранти кои на плоштадот Таксим во Истанбул протестираа против еден спорен градежен проект. Демонстранциите брзо добија антивладин тон и се проширија во околу 50 турски градови. Критичарите ја обвинуваат турската полиција дека употребува прекумерна сила против демонстрантите. Според официјални наводи, повредени се 53-ца демонстранти и 26 полицајци, а бројот на уапсени, даден од министерот за внатрешни работи, Муамер Ѓул, е 939 лица. Според други извори, повредени се повеќе од илјада лица, а организацијата Амнести Интернешнл јави и дека има извештаи за најмалку двајца загинати.