1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици уапсени во Турција

ЕМФ/дпа2 јуни 2013

По жестоките демонстрации во Турција, премиерот Реџеп Таип Ердоган со малку помирлив тон. Сепак, уапсени се стотици демонстранти. Може ли разговор да ја смири ситуацијата?

https://p.dw.com/p/18iUG
Фотографија: Reuters

На протестите во Турција против исламско-конзервативната влада на Реџеп Таип Ердоган се уапсени стотици луѓе. Весникот „Хуриет“ во своето интернет-издание од ноќеска (01/02.06) ја пренесе изјавата на турскиот министер за внатрешни работи Муамер Ѓулер, кој изјави дека на околу 90 протестни собири во 48 провинции се уапсени 939 лица. Советник на турскиот премиер Ердоган, според „Хуриет“, преку социјалната мрежа Твитер соопштил оти градоначалникот на Истанбул денеска (02.06) ќе има средба со претставници на платформата Таксим-Гази-Парк и претставници на архитектонските комори во градот за да се најде решение за проблемот.

Бранот протести се разгоре откако насилно беше растурен камп на демонстранти кои протестираа против уништување на паркот Гази, кој се наоѓа на маргините на плоштадот Таксим, поради спорен градежен проект. Откако вчера попладнето турската полиција се повлече од Таксим, имаше судири со демонстрантите во истанбулскиот кварт Бешикташ, јавија активисти на интернет. Полицијата употребила солзавец, а демонстрантите запалиле полициско возило.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Фотографија: Reuters

По два дена протести против неговата авторитарна политика, турскиот премиер Ердоган вчера го смени малку тонот. Тој призна дека била направена грешка поради употреба на спреј од страна на полицијата, истовремено подвлекувајќи дека неговата влада нема да потклекне под притисок на уличните протести. Претседателот на државата Абдула Ѓул вчера попладне ги повика сите страни на смиреност и дијалог.

Меѓународни критики

И во меѓународни рамки има критики поради постапувањето на турската влада со демонстрантите. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц постапките на полицијата ги оцени како „сосема неодмерени“. „Апелирам итно до сите надлежни во Турција да направат напор за деескалација и да побараат разговор со демонстрантите“, изјави Шулц.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Фотографија: Reuters

Портпаролката на американското министерство за надворешни работи Џен Псаки рече дека САД „веруваат оти стабилноста, безбедноста и благосостојбата во Турција може да се одржат долгорочно само ако се зачува основното право на слобода на изразување и слобода на собирање и здружување“. Слични се изјавите кои доаѓаат и од Европската комисија.

Солидарни протести во Германија

„Насилството во Турција мора веднаш да запре“, побараа германските социјалдемократи. Ополномоштеникот на германската влада за човекови права, Маркус Ленинг, побара почитување на основните права во Турција. Во повеќе германски градови илјадници демонстранти се собраа на протести во знак на солидарност со граѓаните во Турција. Протести имаше во Хамбург, Штутгарт, Берлин, Келн, Франкфурт и Минхен. Алевитската заедница во Германија протестираше против жестоките постапки на турската полиција и побара оставка на Ердоган.

Türkei Gewalt gegen Demonstranten
Фотографија: Reuters

Владата на Велика Британија им препорача на своите граѓани да се држат подалеку од протестите во Истанбул, со оглед на употребата на водени топови и солзавец. Демонстрантите и набљудувачите во Истанбул, инаку, проценуваат дека поради жестината на интервенцијата на полицијата има стотици повредени. На интернет се вртат и извештаи за повеќемина загинати. Засега властите не го потврдуваат ниту едното ниту другото.