Погрешната калкулација на Ердоган
1 јуни 2013Шокирачките настани во Турција започнаа по мирните протести за заштита на мал парк, чии дрвја требаше да паднат како жртва за спорен градежен проект, односно трговски центар. Екологистите формираа протестен фронт, кого полицијата сакаше да го скрши со брутална, недостојна на правната држава жестина, во што не успеа. Напротив, редовите против премиерот Реџеп Таип Ердоган стануваат се‘ позбиени. По Истанбул, се јавува за демонстрации против владата и тешки судири и од Анкара, Измир и други анадолски градови.
Погрешната калкулација на Ердоган се темели врз неговата премоќ во парламентот, за која мисли дека му дава право на практикување сила, без обѕир кон демократските опозициони сили и кон од него во голема мера поларизираното општество. Затоа, не би требало да се чуди ако неговите политички противници, а сега и турските граѓани полни бес, го споредуваат со соборените деспоти во арапските земји. Опозициониот фронт против него, во никој случај хомоген, прво се обедини околу најмалиот заеднички именител, имено, да му ги покаже границите на моќта на Ердоган.
Ердоган и неговите следбеници навистина се трудат да ја испеглаат работата, оценувајќи дека полициската акција е претерана, а солзавецот, водените топови и лутиот спреј не морало да бидат употребени. Но, истовремено е најавена нивна употреба и во иднина, ако биде „нужно“. Ердоган се‘ уште е многу оддалечен од подготвеност за општествен дијалог. А токму респектот кон многуте етнички и религиски слоеви во турското општество налага дијалог наместо „баста“-стратегија.
Зошто Ердоган на неговиот поранешен пријател, сирискиот диктатор Башар ал-Асад, на почетната фаза на граѓанската војна му советуваше да не употребува сила против демонстрантите? Заради тоа да не нарасне подготвеноста на насилство кај опозицијата. Зошто тој, по демонстрациите и соборувањето на власта на Мубарак, како модел препорачуваше лаицизам, одделеност на државата од религијата? Заради тоа во Египет да се развие мирен соживот на религијата и демократијата. Сите овие препораки беа добри за поранешните или новите пријатели во арапските земји. Само во сопствената држава, Ердоган не остави воопшто простор за опшествен консензус, на кој мора да е обврзана и опозицијата. Употребата на сила од страна на Ердоган го загрозува позитивниот економски развој, на кој му завидуваа бројни држава од Европа, како и туризмот како еден од најважните извори на приход на неговата земја. Освен тоа, Ердоган со својата непопустливост при спротивставувањето и критиката на неговата политика, ја ризикува својата политичка иднина. Модерна лаицистичка Турција не може да се базира врз забрани и одбивање на политичките и верските неистомисленици.
Најновите настани, во рамките на акцијата за спас на малиот парк на плоштадот Таксим од непотребниот градежен проект, се можеби едно од последните предупредувања од натамошни ескалации. Ердоган треба сериозно да ги сфати сигналите, за плоштадот Таксим да не биде симболично споредуван со плоштадот Тахрир во Каиро. Суд во Истанбул со својата одлука за времена суспензија на градежниот проект на сите страни им овозможи време за смирување. Оваа одлука правно беше исклучително коректна и многу важна. Останува надежта дека пред се‘ Ердоган, но и опозицијата, ќе се погрижат за наоѓање излез од заканувачката криза и ќе ја надминат. Турција е премногу важна како регионален пример за многу држави, кои се во потрага по државен модел врз база на коегзистенција на исламот и демократијата.