На Босна и Херцеговина и‘ се заканува распад
10 мај 2011Дејтонскиот договор, кој на БиХ и‘ донесе 15 години мир е изложен на сериозни прекршувања, рече Високиот претставник Валентин Инцко, претставувајќки го извештајот за Босна и Херцеговина во Советот за безбедност на ОН. Според него, одржувањето референдум во Република Српска околу тоа дали граѓаните ги поддржуваат законите на Високиот претставник, посебно во сферата на правосудството, е спротивно на Дејтонскиот договор и би го загрозило уставниот систем на поделба на надлежностите меѓу ентитетите. Власите на Република Српска продолжуваат да се „залагаат за распад на земјата, а институциите на државно ниво се под политички, институционален и економски притисок“.
Инцко минатата недела се закани дека ќе ја поништи одлуката на парламентот на Република Српска за референдум доколку во рок од седум дена не ја поништат властите во Бања Лука. Ако Инцко ја поништи одлуката, постои опасност од повлекување на Србите од институциите на БиХ. Ако се случи и повлекување на двата члена на ХДЗ од владата, може да дојде до расцеп на државата на два дела - на оние кои учествуваат во владата и оние кои тоа не го сакаат.
Тензичниот консензус пропадна
„Основниот спор се води околу прашањето кој одлучува во Босна и Херцеговина, односно која е улогата на меѓународната заедница и Високиот претставник? Дали меѓународната заедница донесува пресудни одлуки околу владеењето во БиХ или тоа мора да биде прашање на консензус на домашните политички лидери? Околу тоа досега постоеше тензичен консезус, но тој очигледно пропадна“, објаснува за Дојче веле Марко Прелец, директор на програмата за Балкан во Меѓународната кризна група.
Во Меѓународната кризна група се наведува дека ситуацијата е крајно сериозна и дека „многу бргу би можела да се оттргне од контрола“. Според МКГ, виновни за тоа се сите страни кои учествуваат во политичкиот живот во земјата, вклучувајќи ја и меѓународната заедница.
„Сите се однесуваат како да сакаат да ја разбијат земјата“, вели Прелец и повикува на итна обнова на консензусот на домашните политички лидери, според кој БиХ треба да биде децентрализирана, но една земја:
„Можат денес да се договорат за тоа како ќе управуваат со земјата, или можат да ја доведат длабоко во сериозна криза во која државната власт ќе се распадне и потоа ќе бараат одговор. Можат да дојдат и до граѓански судир и потоа до меѓународна конференција на која повторно сите ќе седнат заедно и ќе бараат одговор“, нагласува Прелец.
Автор: Марина Максимовиќ/бета/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Борис Георгиевски