1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комплицирано постизборје во Босна и Херцеговина

5 октомври 2010

По неделните избори во Босна и Херцеговина аналитичарите почнуваат да шпекулираат за можните коалиции. Политичарите, пак, за сега нерадо зборуваат за коалициите.

https://p.dw.com/p/PVmf
Бакир Изетбеговиќ при гласањето во неделаФотографија: AP

Аналитичарите сметаат дека зголемувањето на излезноста на неделните избори во Босна и Херцеговина претставува сигнал за напредување на демократскиот процес во земјата. Тоа што дури 60% од граѓаните со право на глас излегле на изборите ќе им даде зголемен легитимитет на партиите кои ќе ја формираат новата власт. Од друга страна, сенка врз изборите фрла големиот број неважечки гласачки ливчиња, поради што три од политичките партии дури не ги признаваат изборите за босанското претседателство.

Определба за умерена политика

Аналитичарите во БиХ оценуваат дека исходот на изборите покажува оти гласачите се определиле повеќе за умерените политичари. Колумнистот на магазинот „Дани“, Иван Ловреновиќ, тврди дека во Република Српска дошло до вистински пресврт, бидејќи само ретки набљудувачи очекувале оти Младен Иваниќ може да му биде толку сериозна конкуренција на Небојша Радмановиќ од владеачката СНСД.

Bosnien Herzegowina Wahlen Nebojsa Radmanovic
Небојша Радмановиќ од владеачката СНСДФотографија: AP

„Без оглед како ќе заврши сапунската опера поради изборните ливчиња, факт е дека Иваниќ до крајот беше сосема рамноправен кандидат и тоа зборува дека во српското избирачко тело се случуваат интересни појави.“

Суштински промени

Членот на Главниот одбор на Социјалдемократската партија Дамир Машиќ оценува за Дојче веле дека по неделните избори ситуацијата во БиХ ќе биде суштински поинаква.

„Ќе биде нужно формирање на парламентарни мнозинства и коалиции, што ќе уследи по соопштувањето на конечните изборни резултати.“

Пред изборите стануваше збор за постизборна коалиција меѓу Социјалдемократската партија и Сојузот за подобра иднина на Фахрудин Радоњчиќ, но по изборите аналитичарите сметаат дека поголеми изгледи има „црвено-зелена“ коалиција на СДП со СДА. Политичарите за сега се воздржуваат од јасни позиционирања околу тоа со кого радо би коалицирале, но затоа некои од нив јасно кажуваат со кого не би.

Јасна позиција

Така членот на Извршниот одбор на СНСД Душанка Мајкиќ потсетува дека нејзината партија јавно порачала оти:

„СНСД јасно кажа дека нема да формира власт со социјалдемократите, се’ едно какви ќе бидат изборните резултати. Не се знае дали СНСД воошто ќе сака да влезе во владина коалиција.“

Bosnien Wahlen SDP Zeljko Komsic im Wahllokal
Жељко Комшиќ од Социјалдемократска партијаФотографија: AP

Членот на Главниот одбор на СДП Дамир Машиќ возвраќа:

„СДП никогаш не го ни повикал СНСД заеднички да владеат, ниту пак го повикал на соработка. Познато е дека тие доживеаа најголем пораз токму од СДП, на наша иницијатива се исклучени од Партијата на европските социјалисти, а слична постапка се води и во Социјалистичката интернационала.“

Дури и кога би сакале да соработуваат во формирањето власт, СНСД и СДП не можат сами да го одредат составот на идната влада на БиХ поради уставот, тврдат аналитичарите. Сложена коалиција ќе мора да биде составена и на ниво на Федерацијата на БиХ, додека во Република Српска СНСД би можел да владее со поддршка од неколку помали партии.

Автор: Самир Хусеиновиќ/Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски