Берлин и` пружа рака на БиХ
11 февруари 2011Cостаноците зад затворени врати и во одвоени термини ќе ги води советникот на германската канцеларка за надворешна политика Кристоф Хојзген. Ова е прв официјален состанок во Берлин на кој ќе се појави и претседателот на Република Српска, Милорад Додик. На претходните два круга разговори за уставните реформи на БиХ, во Берлин дојдоа челниците на најголемите политички партии на Бошњаците и на Хрватите, СДА, СДП и ХДЗ.
Амбасадорот на БиХ во Германија, Томислав Лимов вели дека ќе следат тешки преговори.
„Секако дека Додик нема лесно да отстапи од позициите кои ги застапува, а Германија ќе настојува да се дојде до компромисно решение. Нема ниту лидерите на Федерацијата да се согласат на минимализам, бидејќи и тие очекуваат да се најде оптимално решение во актуелната ситуација“.
Во Берлин нема да има прекројување на граници, ниту пак ќе биде доведена во прашање позицијата на ентитетите. Нема да има никакво политизирање или убедување, туку едноставно ќе се води дијалог со босанските партиски челници, објаснува Лимов. Прашањата за внатрешното уредување на БиХ, ќе си ги решаваат исклучиво домашните субјекти.
„Тие не доаѓаат во Берлин за да им бидат дадени готови формулации кои потоа би ги применувале, туку за да ги изнесат своите ставови. Ова е само разговор за да се утврди содржината на измените во првиот чекор. Пред нас е процес на уставни промени, а не револуција на Уставот“, тврди Лимов.
И Милан Кучан еден од посредниците
Разговорите за босанскиот Устав во Берлин не се изолиран обид на Германија да и помогне на земјата, туку координирана активност во која се вклучени и функционери на ЕУ. Еден од нив е и Милан Кучан, специјален претставник на словенечката Влада кој доби поддршка од Брисел да ги изнесе своите ставови во Берлин.
На дилемата зошто токму Берлин е избран за местото во кое ќе бидат водени овие разговори, германскиот парламентарец Јосип Јуратовиќ одговара со став дека сите три народи имаат голема доверба во Германија, како пример за успешна, економски и социјално организирана држава. На Германија и е важно БиХ да биде стабилна држава, меѓу другото и поради тоа што таа има најголема копнена граница со Хрватска, земја која се очекува за три години да стане членка на ЕУ, тврди Јуратовиќ.
„Хрватска со 4,5 милиони жители не може да ја обезбеди таа граница. Затоа соседството на ЕУ мора да биде стабилно, бидејќи никој не сака во соседството да му се случи пожар“, тврди пратеникот со хрватско потекло.
Берлинскиот политолог Бодо Вебер објаснува дека се додека ЕУ не изготви заеднички план за севкупната стратегија и пристап кон БиХ, разговорите во Берлин нема да донесат никакви конкретни планови. Амбасадорот Лимов вели дека од берлинските разговори не треба да се очекува премногу, но не треба ни да се потценуваат. Но, на сите, вели тој, треба да им биде јасно дека треба да ја прифатат испружената рака од Берлин.
Автор: Селма Филиповиќ/Борис Георгиевски
Редактор: Трајче Тосев