1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Мицотакис го преживеа гласањето за доверба

Сузане Ајкенфондер
31 јануари 2022

Поводот за барањето за гласање доверба на владата во Атина беше невообичаен: по хаосот поради големите снежни наноси, опозицискиот лидер Ципрас сакаше да го собори Мицотакис.

https://p.dw.com/p/46IZz
Griechenland Schneechaos Schlechtwetterfront ELPIS
Во текот на невообичаено големите врнежи од снег пред една недела илјадници луѓе останаа заглавени на автопатитеФотографија: Sotiris Dimitropoulos/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Конзервативната влада на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го преживеа гласањето за доверба. По тридневна дебата, пратениците во парламентот во Атина вчера се изјаснија против барањето на опозицискиот лидер Алексис Ципрас за соборување на актуелната влада. Доверба на владата ѝ дадоа 156 пратеници, а 142 беа против.

Резултатот од гласањето беше очекуван. Владеачката партија Неа Демократија има 157 од вкупно 300 места во парламентот. Еден од пратениците на владеачката партија е во болница.

Алексис Ципрас, шеф на левичарската партија Сириза, побара гласање за доверба на владата по снежниот хаос во и околу Атина на 24 јануари и неколкуте денови потоа. Тој ја обвини владата за неспособност. И покрај тоа што метеоролозите со денови најавувале голем снег, владата не успеала да ги заштити луѓето, рече Ципрас во образложението на своето барање.

Griechenland Parlamentssitzung
Ципрас ја обвини владата на Мицотакис за неспособностФотографија: Yorgos Karahalis/AP/picture alliance

Во текот на невообичаено големите врнежи од снег пред една недела илјадници луѓе останаа заглавени на автопатите и улиците. Со оглед на тоа што имаше и препречени автомобили на патиштата, не беше возможна проодност на возилата за расчистување на снегот. Многу возачи мораа да ја минат ноќта во своите возила додека не беа ослободени од незавидната ситуација од страна на армијата. Сега погодените би требало да добијат обесштетување од компанијата која управува со автопатот во висина од 2000 евра. Шефот на компанијата поднесе оставка. Освен тоа, електричната мрежа не функционираше повеќе денови. Погодени беа повеќе од 200.000 домаќинства и фирми.

Грчкиот премиер Мицотакис се извини за лошото менаџирање со кризната ситуација и вети подобра организација на службата за цивилна заштита. „Имаше грешки и работи кои не смееја да се случат и кои мора да се коригираат“, изјави премиерот пред неколку дена. Во текот на дебатата во парламентот, пак, тој ги обвини Ципрас за популизам.

Во Атина ретко паѓа снег, а и кога тоа се случува, наносите се мали. Поради тоа, населението не е подготвено за такви временски услови и ретко кој има зимски гуми или синџири за возење по снег.