Реконструкција на грчката влада: Мицотакис свртува кон десно
3 септември 2021Реконструкциите на влада во Грција не се ретки и најчесто се забораваат по неколку дена. Обично премиерот по летната пауза врши неколку мали корекции и – ги продава како нов почеток на својата влада. Меѓутоа, реконструкцијата на кабинетот, која ја направи сегашниот премиер Кирјакос Мицотакис на 31.08.2021 година, е вистинска интервенција и значи свртување во десно.
Премиерот од конзервативната Нова демократија ги разреши сите министри и заменици министри кои беа одговорни за кризи како пандемијата на коронавирус и нејзините последици врз здравствениот и туристичкиот сектор на земјата, како и надлежните за катастрофалните пожари од изминатите недели.
Неполна недела претходно, Мицотакис во Парламентот тврдеше дека неговата влада сите овие кризи успешно ги совлада. Факт е дека мерките, кои раководството во Атина пролетоска ги донесе за спас на туристичкото лето, беа само формално спроведувани. Почетната многу успешна корона вакцинална програма, со месеци постојано забавува, одделенијата за интензивна нега во грчките болници се под притисок, секој ден се регистрираат најмалку 3.000 нови случаи на Ковид-19, а дневно умираат преку 20 луѓе од болеста.
Кон ова доаѓаат преку 120.000 хектари шума изгорени во пожарителетово, речиси четири пати повеќе од вообичаено по 2000 година. А стравот на луѓето од поплави наесен е огромен. Затоа своите канцеларии мораа да ги напуштат министрите Михалис Крисохоидис (цивилна заштита), Харис Теохарис (туризам) и Василис Кикилиас (здравство). А последниот наеднаш беше заменет со Танос Плеврис, поранешен десничарски екстремист. Централниот совет на Евреите во Грција, КИС, веднаш изрази загриженост.
Десноекстремистичко минато
Со новиот во Министерството за здравство, конзервативната влада на Мицотакис сега има тројца министри со десноекстремна заднина, зашто не само Плеврис, туку и Макис Воридис (за внатрешни работи) и Адонис Јоргиадис (развој) своите политички кариери ги започнаа во националистичката партија Лаос. Воридис и Јоргиадис се извинија за својот поранеше антисемитизам кога пред една година ги добија новите функции. На 1.09.2021 истото го направи и Плеврис.
Половина час откако Централниот совет на Евреите ги осуди поранешните изјави на Плеврис за Аушвиц и изрази надеж дека новиот министер „ќе ги третира еднакво сите граѓани на земјата, без оглед на нивната боја на кожата, расата или религијата“, стигна неговото извинување. „Мојата почит кон жртвите на холокаустот е апсолутна и јас сум против секоја форма на антисемитизам“, напиша тој на социјалните медиуми и додаде: „Никогаш не сакав да го навредам еврејскиот народ и се извинувам за тоа“.
Подбуцнување против бегалците
Поранешните изјави на Плеврис потекнуваат од едно пледоаје кое го држеше во 2009 година како бранител на неговиот татко. Плеврис сениор се сметаше за најважен теоретичар на националсоцијализмот и антисемитизмот во Грција, неговиот син како адвокат го застапуваше во различни процеси – „иако имам сосем поинакво мислење“, како што истакна завчера новопечениот министер.
Но, Плеврис не се извини за неговите потпалувачки изјави против бегалците. Легендарна е неговата теза дека „граничната заштита не може да егзистира ако нема загуби“, поради што на грчките граници смее да се пука во мигрантите. Озлогласени се и предлозите на Плеврис за односот кон бегалците кои се веќе во земјата: „Тие не треба да добиваат никаква социјална помош, не треба да јадат, да пијат, не смеат да одат во болници".
Страв од загуба на десни гласови
Зошто Мицотакис, кој всушност е човек од политичкиот центар, назначи ваков политичар за министер за здравство? Одговорот е едноставен: премиерот во моментов има поголем страв од губење гласови од политичката десница, отколку од заплашување на гласачите од центарот. Два дена пред реконструкцијата на владата, во Атина и во Солун имаше големи демонстрации на противниците на вакцинацијата.
Многу од демонстрантитетри години претходно протестираа заедно со Плеврис против договор со соседната земја Македонија, сегашна Северна Македонија. Прашање е дали премиерт ќе успее да ги придобие овие гласачи преку именувањето за министер на покајничкиот екс-антисемит.
Неуспешен старт на Министерството за заштита од катастрофи
За уште повеќе политичко незадоволство во Грција може да се погрижи еден гаф при владината реконструкција: исто така на 31.08.2021 беше отворено ново Министерство за заштита од катастрофи, а на негово чело беше назначен Евангелос Апостолакис, поранешен адмирал на грчката морнарица и поранешен министер за одбрана во владата на лево ориентираната партија Сириза. Но, еден час подоцна, Апостолакис неочекувано изјави дека во дадените околности не може да ја прифати функцијата.
Тој дал согласност само под услов да биде постигната надпартиска согласност, но премиерот Мицотакис не се договорил претходно со шефот на Сириза и екс премиер, Алексис Ципрас. За многумина граѓани потегот на Апостолакис наликуваше на недостојна фарса во земјата со насекаде видни згаришта од шумските пожари. Мицотакис бара нов министер за заштита од катастрофи. Доколку не најде, според гласините, ќе се откаже од новото министерство пред тоа и да започне со работа.