Какви промени претрпи владата во Атина?
31 август 2021Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ја реконструираше владата по две години на власт, тој отвори ново министерство за цивилна заштита и ги промени министрите за здравство и за заштита на граѓаните, како и државниот секретар за одбрана.
Министерството за цивилна заштита треба да ги собере под еден покрив бројните служби и институции одговорни за гаснење пожари, земјотреси, поплави и други катастрофи во Грција. Огромните шумски пожари ова лето предизвикаа проблеми во координацијата, за што Мицотакис потоа се извини во парламентот.
Евангелос Апостолакис ќе го преземе новото министерство за цивилна заштита, изјави портпаролот на владата за медиумите.
На местото на досегашниот министер за здравство, Василис Кикилиас, ќе дојде конзервативниот пратеник Атанасиос Плеврис, кој е човек од доверба на премиерот. Според медиумските извештаи Мицотакис не бил задоволен од напредокот на кампањата за вакцинација против коронавирусот во земјата.
Што се однесува до другите промени во грчката влада, Панатјотис Теодорикакос ќе биде нов министер за заштита на граѓаните, нов државен секретар за одбрана е Никос Хадалијас.