Бел Акропол и хаос
25 јануари 2022Снежна покривка ноќеска ја прекри целата грчка престолнина, го попречи воздушниот сообраќај и зароби десетици возачи на атинската обиколница.
Во Атина се запрени железничкиот и автобускиот сообраќај, а затворени се и објектите за вакцинација против Ковид-19 во поширокиот регион од градот и на блискиот остров Евија, соопштија здравствените претставници.
Државните служби, училиштата, продавниците и банките кои не се неопходни во овие две области и на многу грчки острови, вклучувајќи го и Крит, исто така, денеска ќе бидат затворени, бидејќи се очекува студеното време да трае до утре.
Ситуацијата е најдраматична на автопатот Атика Одос, обиколницата околу Атина која го поврзува градот со аеродромот, на кој во моментов стотици возила и натаму се заробени.
Спасувачките екипи во текот на ноќта се бореа да ги ослободат возачите во моментот кога бурата, со име Елпида, ја зафати Грција и ја прекри Атина со дебел слој снег.
Во спасувачката акција учествуваат единиците на копнената војска со тешка механизација и со санитетски возила.