Бриселското салафистичко упориште
23 ноември 2015Мохамед Ндиаје, еден од имамите во Исламскиот и културен центар во Брисел, вели дека нивна намера е да испратат силна порака до белгиската заедница: „Ја изразуваме нашата длабока тага поради атентатите во Париз. Во мислите сме со Французите и семејствата на жртвите.“
Исламскиот центар, кој е најголемата џамија во Брисел, се наоѓа на маргините на паркот Сенконтенер во ЕУ-квартот, на само неколку минути пеш од Европската комисија. Додека верниците се собираат на петочна молитва, раководството на џамијата свика прес-конференција. Таа сака да се спротивстави на впечатокот кој се создава дека како центар на белгиската салафистичка сцена придонесла за радикализација на муслиманите.
Дијалог на арапски
Ндиаје дава преглед на активностите на Центарот. Покрај богослужбите, во џамијата се одржуваат и курсеви по арапски јазик, средби со претставници на ЕУ и белгиски граѓани, се држи обука за имами, настава по Коран за 700 деца и многу други работи. Тој презентира слика на Центар кој е перфектно вклопен во белгискиот живот и чија задача е да придонесе за разбирање меѓу културите.
Ндиаје зборува на перфектен француски. По него за збор се јавува највисокиот по функција имам Абделтади Севиф. Тој зборува на арапски: исламот е религија на мир и добродетелство, нема ништо заедничко со терористичко насилство, како она во Париз. И директорот на Центарот, Џамал Моменах, не сака џамијата да се поврзува со радикалните исламисти во Моленбек. Тие не го разбрале исламот како што треба. Тоа е како во едно семејство, во кое понекогаш еден член прави лоши работи, вели Моменах, кој е саудиски претставник меѓу оние кои ја држат прес-конференцијата. Севиф потекнува од Египет.
На прашањето зошто неговата џамија со својата привилегирана позиција не се обидела да влијае врз оние кои шират омраза во Моленбек, Моменах не одговара директно. Секој е одговорен за себе, вели тој, и додава дека тие не работат заедно со другите проповедници. И Моменах на новинарите им се обраќа на арапски, иако веќе три години живее во Белгија. Имамот Севиф пак во Белгија е уште од 2004 година.
Што мислат тие за идејата во џамиите да се проповеда само на јазикот на земјата во која се наоѓа џамијата:?Одговорот гласи: се‘ ќе се преведува. Инсистирањето на арапскиот јазик, според нив, не значи и поттикнување на паралелно општество.
Белгиски пакт со саудискиот крал
Наспроти позитивното самопрезентирање на Исламскиот центар стојат критичките медиумски извештаи. „Големата џамија во Сенконтенер веќе 30 години е активно збиралиште на салафизам, кое создава плодна почва за неговите мрежи“, напиша францускиот весник „Либерасион“ неколку дена пред нападите во Париз.
Весникот го цитира истражувачиот на исламот Микел Приво од Европската мрежа против расизам: „Салафистичкиот поглед на светот е многу присутен кај муслиманите во белгискиот главен град. Белгиските власти веќе 30 години си играат со оган.“
Џамијата во Сенконтенер е финансирана од Исламската светска лига, каде се слеваат главно пари од Саудиска Арабија. Историјата на џамијата почна во 1967 година. Белгиските државни каси беа празни, а земјата бараше можности да дојде до нафта по поволна цена. Тогашниот крал Будуан затоа склучи „дил“ со саудискиот монарх Фајсал Ибн Абд ал-Азис ал-Сауд: во замена за нафта по поволна цена тој му го препушти ориенталниот павилјон од светската изложба во паркот Сенконтенер - беше договорен долгорочен закуп за период од 99 години. Истовремено, Белгиецот на своите саудиски пријатели им ја препушти обуката на муслимански имами за растечкиот број доселеници од Африка и од Магреб-државите во Белгија. Тоа беше зелено светло за саудиската кралска куќа за ширење на пораката на салафизмот.
Скандал околу директорот
Во текот на изминатото лето Викиликс на виделина извади темна страна од приказната на џамијата. Таа е спротивна на официјалните тврдења на раководителите на џамијата дека се залагаат за мир и разбирање меѓу народите. Така, на саудискиот амбасадор во Брисел во април 2012 година му било пренесено дека белгиската влада има проблем со директорот на џамијата Калид Алабри.
„Неговите проповеди беа салафистички, антиизраелски, антизападни. Највисокиот принцип беше давање предност на салафизмот пред се‘ друго“, сведочеше тогаш лице на белгиската телевизија РТБФ. Говорите на Алабри биле толку екстремни, што ја пречекориле црвената линија дури и на Белгијците. Алабри беше повлечен без многу врева.
Белгискиот новинар и експерт за тероризам Клод Монике оценува дека особено либералното сфаќање на слободата на мислење во Белгија е причина што државата толерирала со децении ширење радикални учења. Освен тоа, политиката многу повеќе сакала социјален мир отколку конфликти со доселениците. Сега, меѓутоа, ќе биде тешко кормилото да се сврти во друга насока и да се надополнат загубените години во борбата против исламистичките сфаќања, смета Монике.