1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трошоците од теророт

Андреас Бекер / Е.М. Фиданоска18 ноември 2015

Освен уништувањето и човечкото страдање, терористичките напади во Париз имаат и економски последици. Особено погодени би можеле да бидат туризмот и трговијата.

https://p.dw.com/p/1H7cl
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Со повеќе од 80 милиони посетители годишно Франција е најомилената туристичка цел во светот. Турзимот во вкупното економско постигнување учествува со 7 проценти. Стравувањата дека туристите во иднина би можеле да го избегнуваат Париз, или цела Франција, во понеделникот предизвикаа голем пад на акциите на авиокомпанијата Ер Франс или на големиот синџир хотели Аркор.

„Сега се разбира секој размислува дали во догледно време да патува за Париз. Многумина нема да отпатуваат“, вели економистот Фридрих Шнајдер, кој на Универзитетот Линц интензивно се занимава со економските последици од тероризмот. „Ако туризмот привремено забележи пад, тогаш тоа ќе значи повеќе стотици милиони евра помалку профит.“

Непосредно погодени се и кафулињата, концертните сали, организаторите на концерти и слични институции. „Осигурителните компании од нив ќе бараат повисоки премии, затоа што се наоѓаат во опасен град и поради ризикот веќе нема да сакаат да осигуруваат по досегашните тарифи“, нагласува Шнајдер за ДВ.

Помала потрошувачка?

Можно е поради нападите граѓаните и да трошат помалку. Тоа нема да се одрази на секојдневната потрошувачка, но - поврзано со помалиот број туристи - ќе се одрази на лусузниот сегмент на трговијата на мало, уверен е Шнајдер. „Скапите бутици во Париз, по нападите, во првата половина од годината сигурно ќе имаат 20 до 30 проценти помал обрт од вообичаено.“

Во САД трговијата на мало брзо се опорави по нападите од 11 септември 2001 година, објаснува Јерг Кремер, шеф-економ во Комерцбанк. „Обртот беше помал само во септември“, нагласува Кремер за ДВ. Состојбата се стабилизираше во рок од три месеци.

Тероризмот би можел да ги исплаши и инвеститорите. Швајцарскиот економист Бруно Фреј во еден текст укажува на истражувањата на влијанието на нападите врз странските директни инвестиции во Шпанија и Грција во периодот 1975-1991, кога во двете земји имаше многу политички мотивирани терористички напади. Студиите покажуваат дека странските директни инвестиции во Шпанија паднале за 14 проценти, а во Грција за 12 проценти.

Тероризмот и‘ нанесува „значителни штети“ и на надворешната трговија, вели Фреј. Така е пред се‘ поради зголемувањето на безбедносните емрки и контроли.

Dr. Friedrich Schneider
Фридрих Шнајдер од Универзитетот ЛинцФотографија: picture-alliance/dpa

Непродуктивни инвестиции

Наспроти тоа, уделот на САД во светската трговија во годините по нападите од 11 септември 2001-ва, „не се намали значително“, вели Кремер. „Зголемените безбедносни мерки по 11 септември не влијаеја негативно на светската трговија.“

Сепак, нападите чинеа скапо, пред се‘ поради неопходноста од дополнителен број полицајци, редари и друг вид обезбедување, како и контроли. Ваквите мерки, од економски агол, се инвестиции кои се малку продуктивни. „Кога овие средства би се употребиле зао бразование или инфраструктура, тогаш продуктивноста би била повисока“, потенцира Шнајдер.

Франција уште пред нападите имаше тешкотии со буџетскиот дефицит и високото државно задолжување. „Затоа, тие не можат едноставно да го зголемат бројот на полицајци или на луѓе во тајните служби за неколку илјади, а останатите издатоци притоа да останат исти“, вели Шнајдер. „Тогаш веројатно ќе мора да се штеди на нешто друго.“

Скапи воени напади

Дотолку повеќе што се неопходни пари за воените акции. Францускиот претседател ги означи нападите на Исламска држава како „воен акт“, а во неделата француската воена авијација веќе гаѓаше позиции на Исламска држава во сирискиот град Рака.

Frankreich Luftwaffe Kampfjets
Француските бомбардери од септември гаѓаат позиции на ИД во СиријаФотографија: picture alliance/dpa/Ecpad Handout

„Проширување на воен судир чини многу пари“, потенцира Шнајдер. „Оттука, буџетската ситуација во Франција само ќе се влошува.“ Европската комисија уште пред нападите во Париз беше на мислење дека Франција во наредните две години нема да успее да се придружува до правилото за дефицит во еврозоната, кое пропишува буџетски дефциит од максимум три проценти од економското постигнување.

Ако земјата сега уште повеќе се оддалечува од ваквиот лимит, барем нема да се соочи со опомена од Брисел. „Со оглед на тоа што нападите важат за екстремен шок“, објаснува Шнајдер.

Фрај предупредува дека економијата, во услови на борба против тероризам, не би требало премногу да се регулира. „Децентрализирана структура на носење одлуки и производна структура е најдобро средство во една пазарна економија за ограничување на економските последици од тероризмот.“