1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двајца од париските атентатори живееле во Белгија

ЕМФ/дпа/ртр15 ноември 2015

Двајца од убиените атентатори од Париз живееле во околината на Брисел. Станува збор за лица со француски пасош.

https://p.dw.com/p/1H6CQ
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Бриселското обвинителство, како што јави новинската агенција Белга, соопшти дека двајца од атентаторите во последно време живееле во околината на белгискиот главен град, но не дава повеќе детали за нивниот идентитет. Во антитерористичката акција што вчеравечер беше спроведена во бриселскиот кварт Моленбек, според последните сознанија, се уапсени седум лица. Предмет на истрага е дали тие се вмешани во нападите. Како што се вели, француски иследници им даваат поддршка во истрагата на своите белгиски колеги.

Обвинителството уште вчеравечер потврди дека една од трагите на атентаторите води од Париз кон Белгија и се зборуваше за повеќе уапсени лица. Властите во Париз од Белгија побарале помош за четири конкретни случаи по нападите. Меѓу другото, станувало збор и за информации за рент-а-кар автомобил пријавен во Белгија, кој бил пронајден во близина на париската концертна сала „Батаклан“. Според најновите информации, во меѓувреме друг рент-а-кар автомобил игра улога во истрагата. Возилото по нападите било пронајдено на париски гробишта. Лицето кое го изнајмило возилото било вчера претпладне контролирано од страна на полицијата која вршела рутинска контрола, но не било уапсено. Дали и тоа лице е дел од уапсените во Моленбек засега е нејасно. Обвинителството единствено соопшти дека возилото со кое лицето било на пат е запленето во Моленбек.

Дел од атентаторите прикриени како бегалци?

Вчера во Париз беше соопштено дека нападите во Франција со 129 мртви и повеќе од 350 повредени биле прецизно координирани акции од страна на приврзаници на терористичката милиција Исламска држава (ИД).

Парискиот обвинител Франсоа Молан изјави дека териристите при извршувањето на своето дело ги спомнувале Сирија и Ирак. Во нападите кои траеја околу половина час се координирале повеќе тимови терористи. Според претпоставките на обвинителството, станува збор за веројатно три групи терористи. Седуммина терористи загинале, од кои шестмина се кренале во воздух. Седмиот бил убиен. За тројца од убиените напаѓачи во меѓувреме се објавени детали. Едниот бил ситен француски криминалец, додека другите двајца е можно во Франција да допатувале како бегалци.

Attentat Paris Festnahmen in Brüssel
Во Брисел се уапсени седум лицаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Агенцијата АФП јави дека кај еден од напаѓачите во Париз е пронајден сириски пасош, но непознато е дали пасошот е можеби фалсификат. Според официјални наводи од Атина, тој на почетокот на октомври дошол како бегалец од Турција во Грција. Грчката телевизија ЕРТ, повикувајќи се на полициски извори, јави дека е можно на ист начин, како бегалец, од Турција во Грција да пристигнал уште еден учесник во нападите во Париз. Оваа информација меѓутоа не е потврдена.

Се претпоставува дека атентаторите имале намера да предизвикаат уште поголемо крвопролевање во Париз. Според пишувањето на „Волстрит журнал“, можно е да бил направен обид за напад во стадионот ,на кој 80.000 навивачи го следеа натпреварот меѓу Франција и Германија. Кај стадионот одекнаа три експлозии и има четворица мртви. Според „Волстрит журнал“, најмалку еден напаѓач имал билет за фудбалскиот натпревар. Тој бил запрен од чуварите на редот при проверка на безбедноста, пишува весникот, повикувајќи се на искази на друг редар и на полицаец. Кај лицето бил пронајден елек со експлозив на влезот во стадионот, околу 15 минути по почетокот на натпреварот. При бегството напаѓачот го активирал експлозивот.

Само во концертната сала „Батаклан“ извршен е масакар со околу 90 мртви. Таткото и братот на еден од атентаторите во салата вчера се притворени, јави агенцијата АФП.

Францускиот претседател Франсоа Оланд зборува за „воен акт“ од страна на ИД и најавува „соодветни одлуки“. Премиерот Мануел Валс вчеравечер за телевизијата ТФ1 рече: „Да, ние сме во војна“. Франција ќе дејствува за да го уништи непријателот. „Оттука, посегнуваме по невообичаени мерки. Ние ќе победиме во оваа војна“, потенцираше премиерот на Твитер. На интернет се појави соопштение, чија автентичност засега не е потврдена. Во него се вели: „Верна група на армијата на Калифатот (...) го нападна главниот град на развратот и неморалот.“ Освен тоа, на Франција и‘ е упатена и закана: „Овој напад е само прва капка и едно предупредување.“