„Во Франција постои исклучително високоризичен потенцијал“
15 ноември 2015Дојче веле: Господине Мајер, многу нешта укажуваат дека заднината на париските терористички напади е поврзана со францускиот ангажман во Сирија. Какви се Вашите проценки?
Гинтер Мајер: Поврзаноста со Сирија е непобитна. Токму изминатите недели францускиот претседател Франсоа Оланд на големи ѕвона ја објави својата наредба за изведување напад врз камп за обука во Сирија, во кој тренирале и Французи. Со тоа, истакна Оланд, сакал да спречи евентуални напади во Франција. Значи, овде се гледа директна врска. Но, останува прашањето, дали оваа акција е централно планирана од Исламска држава. Мене ми изгледа поверојатно дека станува збор за „тероризам од домашно производство“, значи - млади Французи приклучени кон исламистичка организација. Многу слично како и во случајот со „Шарли Ебдо“.
Во извесна смисла тоа е повознемирувачки. Зашто, „домашниот тероризам“ може да предизвика расцеп во целата нација.
Во суштина, токму тоа е исклучително опасно. Уште пред една година беше предупредено дека важни центри за создавање вакви терористички ќелии се затворите. Во нив веќе беа формирани вакви групи во Франција. Тука е присутен високоризичен потенцијал. Деликвентите таму можат дополнително да се радикализираат и криминализираат. Кога ќе се најдат на слобода, претставуваат голема опасност за целото општество.
Пред околу две недели во Франција се водеше дебата по повод десетгодишнината од безредијата во предградијата есента 2005 година, во кои со денови насилно протестираа претежно млади луѓе. Францускиот печат темата ја третираше со задлабоченост и самокритика. Има извесни подобрувања во интеграцијата, но далеку од потребното. Како гледате Вие на тоа?
Мора сосем јасно да се согледа дека социјалните односи во француските предградија, во кои претежно живеат муслимански мигранти или муслимани со миграциски корени, се се‘ само не поволни. Тамошните жители и натаму се економски исклучени, дискриминирани. Постои многу висока невработеност, во големи делови владее бесперспективност. Се разбира, тоа е идеална почва за регрутирање на терористи и исламисти.
Какво значење има тоа за културниот идентитет на земјата и креирање адекватна политика на интеграција?
Една од пресудните причини е тоа што имаме работа со друга културна група, имено, со луѓе приврзани кон исламот. Исламот како суштинско идентитетско обележје е интересен посебно за оние групи кои во Франција се запоставени на културен, економски и социјален план. Станува збор за луѓе концентрирани во одредени социјални жаришта токму во Париз. Тие се настрана од мнозинството во француското општество, подложни на радикализација од страна на „тврдите“ исламисти.
Каде лежи причината за оваа изолираност?
Без двоумење, улога игра и политиката. Токму она што стигнува од десниот спектар е важен елемент кој води до тоа населението со миграциски корени од исламскиот свет да биде ставено на срамен столб. Пропагандистичките пароли полни омраза од десниот табор натамошно водат до радикализирање. И официјалната француска политика со свои кон исламот критички изјави, делумно дури исламофобични, придонесе за чувството на дискриминација на муслиманите во Франција, за нивно повлекување и посебна отвореност кон проповедниците на омразата.
Зошто многумина Французи се оградуваат специјално од муслиманите?
Од гледиштето на христијанската култура, во прашање е посебна група. Муслиманите се туѓинци, поинакви. А тие „поинакви“ секогаш наново се цел на запоставување и дискриминирање од страна на мнозинското население.
Гинтер Мајер е раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот Мајнц.