Уапсени осомничени за планиран терор во Брисел
29 декември 2015Брисел можеби избегна терористички напад во последен момент: белгиската полиција уапси две лица осомничени дека подготвувале атентати на повеќе омилени места во главниот град на Белгија, планирани за време на прославите во новогодишната ноќ. Државното обвинителство соопшти дека имало „сериозна закана“. Весниците од групата Медиахојс денеска известуваат за „конкретни закани“ против генералниот комесаријат на полицијата, кој се наоѓа во центарот на Брисел, во близина на историскиот плоштад Гран плас, една од главните туристички атракции во градот.
Тешки обвиненија за уапсените
Едниот од двајцата уапсени е осомничен дека како „предводник на терористичка група“ врбувал нови членови-екстремисти за вршење терористички напади. Вториот е осомничен за закани со напади и за учество „во активности на терористичка група“.
Апсењата, за кои беше јавено изутрината, уследиле по претреси извршени во неделата и вчера во регионот на Брисел и Лиеж. Наводно акцијата немала врска со неодамнешните атентати во Париз. Во текот на истрагата, според обвинителството, биле уапсени вкупно шест лица, но 4 во меѓувреме се пуштени на слобода. Во рациите не биле пронајдени ни експлозив, ниту оружје, но полицијата открила пропаганден материјал на терористичката џихадистичка милиција Исламска држава, војнички униформи, како и материјал за обработка на податоци.
Брисел упориште на екстремисти, Белгија меѓу најзагрозените од терор
Белгиските власти со недели се во состојба на зголемена готовност поради загриженост од можни напади, како и поради потрагата по осомничените за учество во нападите од 13. ноември во Париз, кога беа убиени 130 лица, кои се во бегство. Многу траги од нападите во Париз водат кон белгискиот главен град. Најмалку двајца од париските атентатори живееле во квартот Моленбек, познат како социјално жариште и упориште на исламисти.
Во моментов во Брисел е во сила втор највисок од четирите степени на готовност за полицијата, кој значи дека заканата од напад е „можна и веројатна“. Белгија се смета за една од најзагрозените земји во Европа во врска со теророт поради високиот сооднос на бројот на нејзини жители кои како џихадисти учествуваат во војната во Сирија, во однос на севкупното население на таа земја. Според проценки на безбедносните власти од крајот на октомври, околу 500 борци во кризниот регион на Блискиот Исток потекнуваат од Белгија.