Амбициите за градење голема македонска црква во Берлин - остануваат!
21 април 2014Реклама
Веќе неколку години Македонската православна црковна општина „Св. Климент Охридски“ од Берлин има своја мала црквичка изградена на купената парцела на „Осдорфер штрасе“. Црквичката која првично требаше да биде само привремен објект до изградбата на големата црква (Св. Климент Охридски), достоинствено си го живее своето верско и религиозно секојдневие. Повеќе од година има редовен свештеник кој секоја недела и на празниците одржува црковна служба. Дотеран е и првично импровизираниот влез кој сега е покриен, со убав под, просторија каде се продаваат свеќи и по потреба се поставуваат и столови и маси. Среден е и дворот на кој веќе посадените садници се зеленеат и кој го остава чувството дека човек се наоѓа во некој македонски двор. За разлика од Велигден, кога сите што барем малку се чувствуваат Македонци доаѓаат на предполноќната служба и црквичката е претесна да ги прими сите кои сакаат да запалат свеќа пред олтарот, во „нормалните“ денови таа е речиси празна! Токму заради ова на Велигден ДВ ги праша верниците дали навистина има потреба од голема црква или доволна е и малата која го носи името „Мала Богородица“ и својот патрон ден го празнува на 21. септември.
Желбата за голем храм останува!
„Плановите за големата црква се тука. Желбите да се изгради се уште поголеми. Но, како и до сега - проблем се финансиите. Со 50.000 евра не се прави црква. Требаат повеќе пари и црква, да не заборавиме, се гради со години. Сполај му на Бога ја имаме малата црквичка каде луѓето се собират“, вели за ДВ Стојмир Костадиновски, еден од ветераните на црковната општина.
Симо дополнува дека и лани кажал, а и сега повторува дека големата планирана црква треба да се изгради. Вели, добро е што сега и во малата црквичка има редовен свештеник зашто како што не може дом да е без газда, така не смее ни црква да е без поп! Дека треба да се опстои на ветувањата и божјиот храм да се изгради сметаат и Кире, Сашо, Славе.
„Можеби грешката беше што кога се решивме да ги ставиме темелите требаше веднаш да старуваме со големата црква. Па сигурно ќе траеше повеќе време додека се изградеше, но ќе се почнеше. На народот му е ветено дека ќе се гради и сега кога добро работи малечката црквичка, многумина со недовреба гледаат на целиот проект. Многумина се и скептични дека некогаш и ќе се изгради. Едни мислат вака, други поинаку, но важно е да не се сопре тука и започнатата идеја да ја реализираме. Ако не сега веднаш, тогаш во иднина за нашите деца и внуци“, коментира и Јанко Пирковски.
„За Велигден и Божик колку некоја црква и да е голема, сепак е премала да ги прими сите оние кои сакаат во тие денови да се на служба. Како било порано не знам, но од оваа година и некој месец откако сум редовен свештеник за Берлин, Хановер и Хамбург морам да кажам дека сум задоволен од односот на верниците. Има посетеност. Но, за изградба на голема црква во овој момент и сега, сметам дека нема итна потреба. Но градбата и плановите си ги организира црковната општина и верниците од Берлин. Во секој случај, доколку се има финансиска сила и волја, ќе биде убаво во некое идно време планираната црква и да се реализира“, изјави за ДВ редовниот свештеник, отец Огнен Атанасовски.
Мала црквичка доволна?
Марија, Лидија, Диме редовно доаѓаат в црква – и за празниците и во неделите. Според нив, изградената црквичка, иако малечка, е убава и доволно голема за верниците од Берлин.
„Нема потреба од поголема црква. За тукашниот народ и ова е доволно. Луѓето доаѓат само од празник на празник иако има редовен свештеник. Се‘ едни те исти, дваесетина верници. Се формираше нов црковен одбор во чиј состав се и млади и повозрасни. Луѓето прават се‘ што можат да го одржат верскиот живот, но без поголема слога нема шанси да се направи којзнае што повеќе. Што се однесува до младите, морам да кажам дека има мал број, но генерално – ги нема! Според мене ова се должи на семејната традиција. Ако доаѓаат родителите в црква, ќе доаѓаат и младите. А, сите млади Македонци тука настојуваат да бидат Германци и да го живеат тој живот. Немам ништо против, но верата си е вера и тоа е едно, а начинот на живот - па бил и германски и западен, се нешто сосема друго“, категорична е Лидија Ристова.
За недоаѓањето в црква Марија, пак, вели само делумно ги прифаќа изговорите од „типот трка по кариера“, „недоволно време“ или „верата си ја носи секој во срцето“! Вистина е дека сите имаат многу обврски, дека времињата не се едноставни, но и дека токму заради тоа човек треба да си оддели минути само за себе, за верата и за спокојството.
Забелешките на дел од верниците дека нема многу млади Кристијан не ги прифаќа. Тој има 33 години и вели дека последниве години токму негови врсници се се‘ поприсутни во животот на црковната општина.
„Во Берлин има и голем број студенти, специјализанти, практиканти - млади луѓе од Македонија кои тука живеат сами, без своите родители и кои се се’ почести посетители на црквата. Значи и младите луѓе се заинтересирани за верскиот живот и добро е што е така“, подвлекува Кристијан.
Реклама