Договор со Хезболах - молк на оружјето во Либан и Израел
27 ноември 2024По обновените масовни израелски воздушни напади во Либан, рано утринава стапи на сила најавениот прекин на огнот во војната со Хезболах. Целта е да се стави крај на борбите меѓу израелската армија и милицијата поддржана од Иран, кои траат речиси 14 месеци. Хезболах треба да се откаже од своето присуство на јужната либанска граница, додека израелските трупи треба да се вратат на нивната страна од границата. Илјадници либански војници и сини шлемови од набљудувачката мисија на ОН, УНИФИЛ, како и комитетот со кој претседаваат САД, треба да го надгледуваат спроведувањето на договорот. Израел изјави дека повторно ќе нападне доколку Хезболах го прекрши договорот. Во неколкуте часа пред да стапи на сила, Израел ги изврши некои од своите најтешки напади врз Бејрут од почетокот на војната. Според сопствените извештаи, милицијата Хезболах ноќта исто така го нападнала Израел. Таа изјави дека, меѓу другото, истрелала ракети кон израелски војници и цели преку границата во Израел.
Со посредство на САД и Франција
Американскиот претседател Џо Бајден го објави прекинот на огнот откако тој синоќа беше одобрен од израелскиот безбедносен кабинет. Целта е траен прекин на непријателствата, рече Бајден во говорот, додавајќи дека договорот го смета и како можност за прекин на огнот во Појасот Газа. Неговата влада ќе направи нов притисок да стави крај на борбите меѓу терористичката милиција Хамас и Израел. Договорот беше постигнат со посредство на САД и Франција. Двете земји сакаат да работат заедно за да обезбедат примирјето да се имплементира, се вели во соопштението. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека прекинот на огнот мора „да отвори ново поглавје за Либан“.Договорот е важен момент и за Израел. „Важно е овој прекин на огнот да се одржи и трајно“, истакна Макрон.
Нетанјаху го предупредува Хезболах
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро го предупреди Хезболах да се придржува до договорот: „Времетраењето на прекинот на огнот зависи од тоа што ќе се случи во Либан“. Израел ја задржува „целосната воена слобода на дејствување“. Се уште нема официјална изјава од самиот Хезболах.
Американски владини кругови велат дека САД не преговарале за прекин на огнот со Хезболах, туку со либанската влада. Сега таа мора да преземе одговорност за она што се случува во нивната земја. Но, дали таа ќе биде во состојба тоа да го реализира, е прашање, со оглед на слабоста на либанската држава. Вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати повика договорот да се спроведе веднаш по телефонскиот разговор со Бајден.
Резолуцијата на ОН од 2006 година како основа
Договорот, според извештаите, е во голема мера во согласност со Резолуцијата 1701 на ОН, која неуспешно се обиде да донесе траен крај на насилството по претходната војна во 2006 година. Затоа, американскиот посредник Амос Хохштајн ги опиша условите од новиот договор како „1701 плус." По прекинот на борбите, Хезболах прво треба да се повлече зад реката Литани, околу 30 километри северно од фактичката израелско-либанска граница. Потоа, копнените трупи на Израел треба да се повлечат од Либан во рок од 60 дена. Израелската армија нагласи дека нејзините војници засега ќе останат стационирани на југот на земјата и ги предупреди жителите на областите каде што претходно имало повици за евакуација да не се враќаат во своите села.
Спречување на повторно вооружување на Хезболах
Важна точка од договорот се однесува и на арсеналот на Хезболах, кој, според експертите, пред почетокот на војната беше една од најсилните паравоени групи во светот. Владата на Либан - во моментов како привремена на функцијата - треба да ја следи целата продажба на оружје во земјата и неговото производство за да се осигура дека тоа нема да стигне до Хезболах или други вооружени групи. Резолуцијата 1701 на ОН од 2006 година веќе предвидуваше таков надзор - но Хезболах сепак успеа значително да го зголеми својот арсенал.
Повеќе од 3.700 мртви во Либан
Според сопствени наводи, Хезболах го напаѓал Израел за поддршка на исламистичкиот Хамас, кој ја предизвика војната во Газа со терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Во Либан, според официјалните податоци, се убиени повеќе од 3.700 луѓе и околу 15.500 повредени во израелските напади од почетокот на војната. Информациите не прават разлика меѓу цивили и вооружени луѓе. Израел уби голем дел од раководството на Хезболах во своите напади, вклучувајќи го и долгогодишниот водач на милицијата, Хасан Насралах. Повеќе од 800.000 луѓе во Либан се раселени поради војната во земјата, а многу повеќе побегнаа во соседна Сирија. Во истиот период, во нападите на Хезболах во Израел има 76 мртви, мнозинството од нив цивили, повеќе од 700 ранети и големи материјални штети. Меѓутоа, ракетната одбрана на Израел пресретнала поголем дел од проектилите на милицијата. Околу 60.000 жители на северен Израел беа евакуирани.