На повидок примирје меѓу Израел и Хезболах
26 ноември 2024Договорот сè уште не е објавен - но има сè поголеми индикации за прекин на огнот во војната меѓу Израел и либанската терористичка милиција Хезболах. Неколку медиуми во Израел известуваат дека израелскиот безбедносен кабинет ќе го одобри договорот денеска (26 ноември, 2024). Текстот на прекинот на огнот е договорен, јавуваат израелските медиуми.
Германската новинската агенција ДПА од израелските владини кругови дознава дека е „веројатно“ одобрување на договорот испреговаран со посредство на САД. Оптимизам изразија и извори од либанската влада во Бејрут.
Позитивни сигнали од САД и од Франција
Соединетите Американски Држави се залагаат за прекин на огнот веќе со недели. Од Вашингтон, меѓутоа, велат дека сѐ уште нема договор. „Мислиме дека сè уште немаме договор - но веројатно ќе бидеме блиску до договор“, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер. Разликите значително се намалени, но сè уште недостасуваат неколку чекори.
Директорот за комуникации на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, вели дека тие се „блиску“ до примирје. Сè оди во вистинска насока. „Но, сè уште тоа не е готово.“ За да не ја загрози шансата за договор, Кирби не сакаше да ги коментира деталите.
Од Франција порачуваат дека разговорите значително напредувале. Од Елисејската палата соопштија дека се надеваат дека инволвираните страни ќе ја искористат оваа можност што е можно поскоро. Според тоа, договорот треба да биде објавен во рок од 36 часа. Весникот на арапски јазик Ашарк Ал-Авсат, исто така, известува дека Бајден и Макрон денеска ќе прогласат прекин на огнот.