САД предупредуваат, Израел продолжува со напади во Бејрут
16 октомври 2024За првпат по речиси една недела, израелски воени авиони нападнаа цели во јужните предградија на либанската престолнина Бејрут. Бројот на жртвите од утринските напади сѐ уште е нејасен, објавија либанските државни медиуми.
Израелската војска соопшти дека бил погоден магацин за оружје на милитантниот исламистички Хезболах кој се наоѓал под станбена зграда. Израелските одбранбени сили претходно на онлајн платформата X објавија предупредување за евакуација, во кое најавија напад на зграда во населбата Харет Хреик. Очевидец за новинската агенција АП изјави дека имало три напади во тој дел од градот. Првиот напад се случил помалку од еден час по предупредувањето.
САД остро ги критикуваат нападите на Израел
Американската влада претходно на невообичаено јасен начин ги критикуваше воздушните напади на израелската војска врз цели во Бејрут. „Недвосмислено му кажавме на Израел дека ги отфрламе нивните речиси секојдневни напади во густо населените области во Бејрут“, изјави портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Џон Кирби. Израел, вели Кирби, има право да спроведува „целни операции“ против инфраструктурата на проиранската милиција Хезболах, но тој исто така мора да се погрижи да не се загрозени животите на цивилите, мировниците на ОН и либанските вооружени сили - како што веќе се случи.
Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал неодамна ги критикуваше предупредувањата на израелската војска за евакуација како недоволни и во некои случаи збунувачки.
Израел од септември бомбардира цели во јужните предградија на Бејрут, притоа убивајќи неколку лидери на Хезболах. Густо населените населби, познати под името Дахија, се сметаат за упоришта на милицијата Хезболах. Изолирани воздушни напади имаше и во центарот на Бејрут.
15 загинати во напад на јужен Либан
Во израелски напади во градот Кана, во јужен Либан, вчеравечер (15.10), загинаа најмалку 15 лица, соопшти Службата за цивилна одбрана. Портпаролот Нухад Бустанџи рече дека спасувачките работи се сѐ уште во тек, па поради тоа може да се очекува и зголемување на бројот на жртвите. Видео снимките на социјалните мрежи покажуваат урнатини што чадат на зграда која била цел на нападот. Оштетени се и околните згради. Локалните медиуми објавија дека имало неколку напади во градот.
САД се закануваат дека ќе ја прекинат воената помош
Соединетите Американски Држави изразија и јасна критика кон Израел во поглед на сѐ полошата хуманитарна ситуација во Појасот Газа. Сега САД го зголемуваат притисокот и велат дека доколку ситуацијата за луѓето во затворениот крајбрежен појас не се подобри значително во рок од 30 дена, постои ризик од кршење на американските закони за воена поддршка. Тоа може да ја загрози и американската воена помош за Израел.
Последните снимки од нападот на израелските сили врз болничкиот комплекс во Појасот Газа предизвикуваат „ужасеност“, изјави портпаролот на американскиот Советот за национална безбедност, Џон Кирби.