1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Израел ја напаѓа финансиската структура на Хезболах во Либан

ЖА
21 октомври 2024

Додека досега мета беа првенствено воени цели, цел на најновите израелски напади во Либан се финансиските институции на Хезболах. САД прават напори за деескалација.

https://p.dw.com/p/4m0ur
Израелски воздушен напад врз предградијата на Бејрут во Либан
Израелски воздушен напад врз предградијата на Бејрут во ЛибанФотографија: Hussein Malla/AP Photo/picture alliance

Израелската војска ја проширува војната во Либан со напади врз финансиските институции на проиранскиот Хезболах. Либанската државна новинска агенција ННА објави за повторни жестоки воздушни напади во предградијата на главниот град Бејрут и други делови од земјата. Овој пат на мета биле и филијалите на здружението Ал-Кард Ал Хасан, еден вид банка на Хезболах.

„Во наредните денови ќе откриеме како Иран ги финансира терористичките активности на Хезболах користејќи цивилни институции, здруженија и невладини организации“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари. Тој ги повика сите луѓе во близина на локациите на финансиските институции на Хезболах во Бејрут и другите делови на земјата веднаш да се отселат. Набргу потоа следеле воздушни напади.

Либанската агенција ННА објави за најмалку 11 последователни  напади во предградијата на Бејрут. Погодена била и зграда во непосредна близина на единствениот меѓународен аеродром во земјата. Сликите на социјалните мрежи покажуваат темни облаци од чад како се издигнуваат на небото пред пистите јужно од Бејрут. Главната цел на нападите врз Ал-Кард Ал-Хасан била „да се разниша довербата меѓу Хезболах и голем дел од шиитската заедница, која го користи ова здружение како банкарски систем“, цитираше Волстрит џурнал изјава на претставник на израелското разузнавање.

Според извештај на Министерството за финансии на САД од 2021 година, здружението работи како банка на Хезболах под маската на невладина организација (НВО), користејќи банкомати и издавајќи кредити без овластување или регулаторен надзор.

Целта на нападот била да се погоди Хезболах на таков начин што  повеќе да не може да се обновува и повторно да се вооружува и по војната, изјавил за весник висок израелски воен функционер пред почетокот на ноќните напади, додека во филијалите на финансиската институција веројатно немало никого. Според армијата, израелската офанзива во Либан досега била фокусирана на воената инфраструктура на Хезболах,  иако се уништени и станбени згради, а погодена е општинската и друга цивилна инфраструктура. Особено цивилното население страда од војната.

Хезболах има десетици илјади следбеници во Либан,  со кои главно го контролира југот на границата со Израел, областите во Бејрут населени со шиити и долината Бека на северот на земјата. Во исто време, милицијата се смета за силна  политичка сила во Либан,  кој е на работ на колапс. Земјата се наоѓа во  тешка економска криза.  Штетата предизвикана од тековните израелски напади е огромна. Според либанските безбедносни кругови, израелската армија речиси целосно уништила неколку места на југот на земјата. Според очевидци, цели станбени области во предградијата на Бејрут се во урнатини.

Американскиот посредник Амос Хохштајн денеска во Бејрут разговара со вршителот на должноста премиер на Либан, Наџиб Микати и со претседателот на парламентот и сојузник на Хезболах Набих Бери, како што потврдија владини кругови за ДПА. Според потпретседателката Камала Харис, во наредните денови на Блискиот Исток ќе отпатува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен на разговори со страните во конфликтот. „Ни треба крај на војната“, рече Харис во ТВ интервју. Според медиумите, Блинкен се очекува во вторник во Израел.