1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТајван

Воени вежби на Кина: Дали Тајван е подготвен за самоодбрана?

Весли Ран
24 мај 2024

Пекинг повторно се обидува да го заплаши Тајван со демонстрација на воена сила. Но, Тајван има развиено стратегија за вооружување против агресија.

https://p.dw.com/p/4gErg
Тајван Вилијам Лаи Чинг-те
Кина го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи Чинг-те „опасен сепаратист“Фотографија: Ann Wang/REUTERS

Пекинг демонстрира сила: Кинеската армија започна со голема воена вежба во регионот околу Тајван. Два дена, вооружените сили вежбаат лажни напади врз „воени цели со висока вредност“ во Тајван, објавија државните медиуми во Кина.

Маневрите започнаа вчера (23.05), само неколку дена по инаугурацијата на Вилијам Лаи Чинг-те на функцијата претседател на Тајван. Во својот инаугуративен говор, Лаи вети дека ќе ја брани демократијата во Тајван. Во исто време, тој го повика Пекинг да прекине со своите обиди за воено заплашување.

Раководството на Народна Република Кина смета дека Тајван е кинеска територија. Од перспектива на Пекинг, тој треба да се „обедини“ со копното, доколку е потребно со сила.

Вежбите се нешто што се прави со години, вели Су Цу-јун, научен соработник во Тајванскиот институт за национална одбрана и безбедносни истражувања (ИНДСР), во интервју за ДВ. За испраќање политички сигнали се користат воени средства.

Во четвртокот - три дена откако Лаи положи заклетва - кинескиот морнарички полковник Ли Ши за државните медиуми изјави дека вежбите се „строга казна“ за „сепаратистички акти“.

Кина воени вежби
Оваа фотографија објавена од кинеската армија ја прикажува мапата на кинеските вежби околу ТајванФотографија: https://mil.huanqiu.com

Асиметричен одбранбен пристап на Тајван

Министерството за одбрана на Тајван ги осуди вежбите како „ирационална провокација“ и мобилизираше морски, воздушни и копнени трупи. Сите тајвански офицери и војници во вооружените сили, како што се вели, се подготвени за акција.

За да ги зголеми своите одбранбени способности против многу поголемата кинеска армија, Тајван во последните години ги зголеми своите трошоци за одбрана и ги прошири своите асиметрични воени способности.

Островот во голема мера се потпира на таканаречената стратегија „бодликаво прасе“: помали, но високо ефективни оружја треба да ја направат инвазијата исклучително скапа за Пекинг.

Вашингтон се залага за асиметричен одбранбен пристап, се вели во неодамнешниот извештај на американскиот Конгрес за тајванската одбрана. Тој пристап се потпира на способности за поткопување на амфибиска инвазија од копно, преку комбинација на антибродски проектили, морски мини и други слични мали, мобилни и релативно евтини вооружени системи.

Ова ја вклучува и употребата на беспилотни летала, како што е домашно развиениот дрон „Албатрос II“, кој беше претставен минатата година. Дополнително, евтината муниција и мобилните крстосувачки ракети за крајбрежната одбрана би можеле да уништат скапи поморски бродови и поморска опрема.

Дел од оваа релативно евтина, но многу ефикасна опрема, се и брзи бродови за напад и минијатурни ракетни чамци. Морските мини и брзите чамци за поставување мини, исто така, може да ги комплицираат операциите за распоредување на инвазивна морнарица.

 

Природата може да му помогне на Тајван да се одбрани

Друга предност за одбранбената способност на Тајван лежи во неговата географија.

Голема инвазија на островот би барала испраќање на стотици илјади војници преку Тајванскиот теснец - долга и напорна операција во која би биле вклучени илјадници бродови ранливи на напади.

Инвазија или успешна блокада на Тајван би била „најкомплексната воена операција во модерната историја“, пишува Дејвид Сакс од тинк-тенкот Совет за надворешни односи на САД. Тоа бара цврста координација на воздушните, поморските и копнените сили, како и инструментите за сајбер војна.

Покрај тоа, сезоната на монсуните дозволува слетување само во текот на неколку месеци годишно. Освен тоа, има само неколку пристаништа каде длабочината на водата е голема или нема доволно големи области за слетување на плажите. Тие би биле од суштинско значење за инвазијата. Источниот брег на островот исто така изобилува со карпи, кои обезбедуваат природна бариера за инвазија од големи размери. Поради малата длабочина на водата на западниот брег, големите бродови би морале да се закотват далеку од брегот.

Морските мини во комбинација со глисери и чамци кои носат проектили би можеле да ја погодат кинеската армија во нејзината најранлива точка. Тајванските поморски единици би имале можност да се снабдат со резерви на муниција складирани на брегот и на блиските острови. Воспоставувањето на мост би било тешко за кинеската армија.

И дури и ако некоја инвазивна сила можеше да воспостави мост, планинскиот терен на Тајван ќе ги ограничи воените операции, вели Сакс. Главниот град Тајпеј, на пример, лежи во долина опколена со планини, која со малкуте приоди пружа извонредни услови за изградба на одбранбени позиции.

Тајван, за случај кинеската армија да успее да се истовари на островот, исто така ги подготви своите градови за герилска војна. Преносливите системи за противвоздушна одбрана (МАНПАДС) и мобилните противтенковски оружја како што се високомобилните артилериски ракетни системи (ХИМАРС) може да се користат во урбани војни. Многу згради исто така лесно можат да се претворат во касарни.

Кина Тајван карта

Тајпеј ги зголеми трошоците за одбрана

Но, Тајван инвестираше и во поголеми вооружени системи. САД, најблискиот воен сојузник на Тајван, му продаваат воена опрема на островот согласно Законот за односи со Тајван. Сепак, договорот предвидува само набавка на „дефанзивно“ оружје. Тајван во моментов очекува да добие американска воена опрема вредна 19 милијарди долари, вклучително борбени авиони, тенкови, ракети и помало оружје.

За време на мандатот на претходничката на Лаи, Тсаи Инг-вен, владата на Тајван во периодот од 2019 до 2023 година ги зголеми трошоците за одбрана во просек за речиси пет проценти годишно. Учеството на овие расходи во брутодомашниот производ порасна од два на 2,5 отсто. Во 2024 година, трошоците за одбрана се очекува повторно да се зголемат, иако со побавно темпо. Тие треба да изнесуваат вкупно 18,8 милијарди американски долари.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик