Тајван: Лаи ја повика Кина да престане со заплашување
20 мај 2024Новиот тајвански претседател Лаи Чинг-те (64) ја презеде функцијата во понеделникот среде се поголемите тензии со Кина. Лаи и неговата потпретседателка Хсијао Би Ким положија заклетва во претседателската канцеларија во Тајпеј.
На настанот присуствуваа меѓународни делегации од САД, Јапонија, Канада и од други земји.
Во својот инаугуративен говор, Лаи зборуваше за „многу закани и обиди за инфилтрација“ од Кина. „Мораме да покажеме одлучност да ја браниме нашата нација“, додаде тој.
Тој го повика Пекинг да стави крај на „политичкото и военото заплашување“ како и да ја сподели одговорноста за безбедноста во Тајванскиот теснец со Тајван.
Кина го гледа Лаи како „опасен сепаратист“ кој ќе донесе „војна и пропаст“ во регионот.
Соочување со воинствениот Пекинг
Лаи беше потпретседател за време на претседателотката Цаи Инг-вен, за чиешто осумгодишно владеење островот доживеа значителен економски и социјален напредок, но и влошување на односите со Кина.
Лаи, кој своевремено се нарекуваше „прагматичен работник за независност на Тајван“, оттогаш ја ублажи реториката, ветувајќи дека ќе одржува статус кво, што значи зачувување на суверенитетот на Тајван без формално прогласување независност.
Пекинг ги отфрли обидите на Лаи за дијалог и ја засили воената активност во близина на Тајван од неговата изборна победа.
Кина го гледа демократскиот Тајван како своја територија и наведува дека употребата на сила за да го стави островот под нејзина контрола не е исклучена.
Пред инаугурацијата на Лаи, Канцеларијата за работи на Тајван во Пекинг ги опиша „тајванската независност и мирот меѓу теснецот“ како некомпатибилни како „водата и оганот“.