Со ново упатство во битка против заканите со бомби
3 март 2023Од денеска со ново упатство и со нови активности ќе почне справувањето со заканите, најави синоќа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. По зачерашниот рекорден број дојави за поставени експлозивни направи во училишта, и реакциите на родителите и јавноста, Спасовски изјави дека е донесено посебно упатство, во согласност со сегашните прилики, бидејќи претходното било застарено во делот на тероризмот.
„Согласно со новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и од тоа нема да има отстапки затоа што никој не може да понесе одговорност за било што ако не е постапено согласно со упатството“, најави министерот, по средбата со полициските службеници на терен во скопски Чаир.
Нема информации што предвидува новото упатство, но извесно е дека се очекува сите надлежни институции да го преземат нивниот дел од активностите.
„Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите - Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел“, посочи министерот.
Веќе биле направени и одредени усогласувања со МОН, а ќе почне комуникација меѓу Секторите за внатрешни работи и образовните институции, за да се дојде до решение за безбедност на учениците и наставниот процес.
Спасовски посочи дека писмено се обратиле до одредени институции - со прашање кои мерки ги имаат преземено од она што е во делот на нивната надлежност.
„Очекуваме дека ќе дадат одговори. Доколку има институции кои не преземале одредени активности од своја надлежност, а биле должни да ги преземат, ќе го известиме и Јавното обвинителство. Оваа битка е битка на секој еден во институциите и сите заедно мора да работиме, заради тоа што ако станува збор за терористичка закана, тогаш сите треба да бидеме во борбата против тероризмот. За нас, безбедноста на учениците и на наставниот кадар е на прво место“, потенцираше Спасовски.
Стратегија и Акциски план
Тешко може да се преброи колку пати во изминатите месеци имаше закани за поставени експлозивни направи во училишта, институции, трговски центри, станбени комплекси, судови... Можноста испраќачите на закани да си обезбедат анонимност користејќи ВПН - конекции, ги отежна обидите на надлежните да откријат кој ги испраќа заканите, што придонесе бројката на закани само да расте. Чашата ја прелеа сајбер нападот врз системот на Фондот во здравство, по што премиерот Ковачевски пред една недела најави дека се очекува во земјата да дојде помошник-генералниот секретар на НАТО за сајбер и хибридни напади.
„Го договараме терминот на кој ќе разговараме за детали за соработката со централата на НАТО во Брисел, меѓутоа и со поединечните земји членки кои се понапредни во оваа област“, изјави Ковачевски.
Што презеде РСМ досега на овој план? Во 2019 година, во соработка со Европската служба за надворешно дејствување (EEAS), беше инициран процес на истражување на ранливоста на РСМ од хибридни закани, во согласност со Заедничката рамка на ЕУ за справување со хибридни закани од 2016 година. Според резултатите од спроведеното национално истражување, ЕУ достави препораки за унапредување на отпорноста на хибридни закани на РСМ, кои беа прифатени од страна на македонската Влада. Прв чекор за нивна имплементација беше изработката на Стратегија за градење национална отпорност и справување со хибридни закани од 2021 година.
„Клучен момент при справувањето со хибридни закани е детекцијата. Како начин за справување со хибридните закани, детекцијата подразбира поседување способност за добивање релевантни и навремени информации за потенцијалните намери на напаѓачот од сите области и носители. Поради сложената природа на хибридните закани, носителите во сите области треба да развијат методи за рано препознавање. Во оваа смисла посебно значење имаат безбедносно-разузнавачките субјекти, пред сè, Националниот координативен соовет на разузнавачко-безбедносната заедница“, се вели во Стратегијата.
Во неа активностите на државата се поделени во шест области на оперативни активности, а донесен е и Акциски план за имплементација на Стратегијата во периодот од 2021 до 2025 година. Според планот, Канцеларијата на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, еднаш годишно, до први февруари, треба до Владата да доставува информација за степенот на имплементација на Акцискиот план. Во планот е изразено уверување дека до крајот на 2025 година, ќе се воспостaви ефикасен систем на цивилна отпорност и способност на општеството за справување со хибридни закани, а ако се укаже потреба, Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница треба да иницира прoцес за ажурирање на Акцискиот план.
Засегнат и регионот
Факт е дека РСМ не е единствената земја во регионот која се соочува со бран на закани со бомби. Истото се случува во Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска...
Поради дојава за бомба, вчера во Подгорица беше евакуирана зградата на Вишиот, Апелациониот и Врховниот суд. Полицијата ги презела сите мерки, а на терен биле испратени и пожарникари. Дојавите се покажале како лажни, но сите закажни рочишта вчера биле одложени. Три дена претходно дојава за бомба била испратена и до градското собрание на Подгорица, по што сите од општинската зграда биле евакуирани.
По одредена „пауза“, завчера и во Србија продолжи бранот на закани со бомби. Во белградските општини Земун и Вождовац биле испратени дојави за поставени експлозивни направи во 17 училишта.
Ваквите закани во сите земји од регионот, во врвот на приоритетите го издигнаа прашањето за поголеми национални инвестииции во сајбер безбедноста.