1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад дојавите за бомби?

ДТЗ
26 декември 2022

Дојавите за бомби се хибридни напади, а според анализите, можни се неколку причини за нивната појава, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски

https://p.dw.com/p/4LR93
дојави бомби полиција
Што се крие зад дојавите за бомби - геостратешки, политички или авантуристички мотиви?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дојавите за бомби се хибридни напади, а според анализите, можни се три нивоа на причини за нивната појави, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од можните три нивоа за причините за хибридните напади, според него, на прво место се геостратешките интереси кои се испреплетуваат во државата, потоа политички, но и авантуристички интереси, како што беше примерот со двајца малолетници во Скопје и во Кавадарци. 

Повеќе од два месеци јавноста е вознемирена од лажни дојави за бомби во повеќе училишта, јавни објекти и институции. а нови мејлови со закани пристигнаа и во текот на денешниот ден. Полицијата вршеше проверки во училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и Струшко, по што се покажа дека сите дојави се лажни.

Денешните дојави, според ресорниот министер, имаат специфики, кои ќе бидат анализирани од Одделот за кибер криминал. „Во однос на дојавите за бомби кои беа во Делчево, веќе е во завршна фаза и се очекува за ден-два да се обезбедат доказите и да биде поднесена кривична пријава. На добар пат сме да решиме уште една дојава во Скопје која беше минатите денови и во моментов е во фаза на обработка“, вели Спасовски.

Оливер Спасовски
Околу дојавите за бомби на затворена седница расправаше и собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Изврштајот на МВР е класифициран како државна тајнаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Затворена комисиска расправа

Околу дојавите за бомби денеска на затворена седница расправаше и собраниската Комисија за одбрана и безбедност. На неа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го презентираше Извештајот за мерките и активностите кои МВР ги презело во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи. Информацијата е класифицирана како државна тајна.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, незадоволни поради затворањето на седницата за јавност, ја напуштија расправата. Пратеникот Бране Петрушевски, по напуштањето на седницата изјави дека како опозиција побарале да не се кријат, туку да разговараат за тоа кои се системските пропусти во МВР кои доведуваат до вакви ситуации. 

„Денеска се докажа дека главата на организираниот висок криминал е во високите структури во МВР. Сметавме дека седницата може да се подели во два дела, односно во првиот дел да разговараме за отворени работи, кои не треба да бидат класифицирани. Побаравме да разговараме како е можно МВР да нема капацитет да открие лажни дојави за бомби. Побаравме тоа да биде тема за расправа, а во вториот дел да расправаме за сите информации кои министерот смета дека се класифицирани, но нашиот предлог не беше прифатен“, рече Петрушевски.