1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По дојавите за бомби - наставата ќе продолжи онлајн

ДТЗ
23 февруари 2023

Според експертите, дојавите за поставени бомби во училиштата предизвикуваат нервоза кај учениците, го нарушуваат менталното здравје и влијаат негативно на нивната социјализација.

https://p.dw.com/p/4Nu6J
бомби училишта
По дојавите за бомби - наставата ќе продолжи онлајн Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Основните и средните училишта во Северна Македонија ќе треба да организираат онлајн настава во деновите кога ќе има дојави за бомби. Ова е упатството коешто Министерството за образование го испратило до директорите на образовните установи со цел да се реши проблемот и тензијата предизвикана од честото губење на часови поради лажните дојави за бомби. Нервозата трае веќе со месеци. Речиси секојдневно се празнат ученичките клупи додека траат проверките на антитерористичките екипи на МВР, а вознемирените деца од пониските класови се испраќаат дома. 

МОН уште пред неколку месеци им порача на професорите и учениците дека ќе мора да се најде начин да се надокнадат изгубените часови, а сега веќе се предлага и конкретна мерка. Онлај настава веќе се применува кај дел од гимназиите во Скопје, со цел да има континуитет во образовниот процес. Во насоките на ресорното министерство се посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.

Ваквата мерка следи откако денеска повторно имаше дојави за бомби во 14 училишта во Скопје.Во средата (22.02) имаше дојави за бомби во над 60 училишта. Претходните денови дојави за бомби пристигнаа и до медиумите, како и во претседателската вила на Водно. По проверките беше утврдено дека се лажни. 

Според експертите, дојавите за поставени бомби во училиштата предизвикуваат нервоза кај учениците, го нарушуваат менталното здравје и негативно влијаат на нивната социјализација.

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не може да сподели детали за истрагата, но дека досегашните сознанија откриваат „интересни првични податоци“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој ги испраќа заканите? 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не може да сподели детали за истрагата, но дека досегашните сознанија откриваат „интересни првични податоци“. „Како новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?, праша премиерот во Собранието, отворајќи дилема околу новите дојави за бомби коишто пристигнале во училиштата, иако биле променети нивните електронски адреси.

Според него, тоа е работа што ќе треба да се докаже, а МВР ги презема сите неопходни мерки. Одговарајќи на пратеничко прашање за хибридните напади, Ковачевски на денешната собраниска седница, рече дека нападите и дојавите за бомби се апсолутно поврзани со војната што се води во Украина, и практично претставува нов начин на војување, што досега не е виден на европскиот континент. Полицијата досега има поднесено четири кривични пријави за тероризам, од кои повеќето се малолетници. 

Дојавите за бомби може да потраат

Професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје, смета дека се работи за организиран пристап и веројатно зад дојавите за поставени бомби стои организирана група, но дали држава или меѓународна организација останува одговорот да го даде истрагата и меѓународните воени безбедносни организации. 

Марјан Ѓуровски
Треба да бидеме трпеливи, дојавите за домби може да траат подолго, вели Марјан ЃуровскиФотографија: Marjan Gjurovski

„Треба да бидеме трпеливи и да се работи со населението, значително треба да го подготвиме дека ова може да потрае подолго. Не би сакал јас да лицитирам дали зад ова е поединец, организирана група или држава, бидејќи е несериозно ако немаме јасно лоцирано место и поединец кој стои зад лажните дојави на бомби по електронски пат. Не можеме да лицитираме дали е тоа Русија, Кина или некоја од соседните држави. Факт е дека ваквите лажни дојави на бомби доаѓаат веднаш по првите шест месеци од руско-украинската војна и глобалните меѓународни безбедносни проблеми“, рече Ѓуровски кој учествуваше на трибината  „Безбедноста во училиштата - градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“.

Содржината на тие пораки е или од анархистички карактер, во кој се повикува на насилство во државата, и вториот тип на пораки, кои се скоро истоветни низ сите училишта во кои се праќани, е ширење недоверба кон државата и нејзиното функционирање. Ѓуровски смета дека треба да се размислува за комбинирана настава и да се разгледаат опциите поголем дел од наставниот процес да се врати на настава на далечина.