1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Новата руска ракета - оружје со политичка порака

ЕМФ / афп
22 ноември 2024

Русија вчера за првпат употреби ново развиена ракета со среден дострел во воздушните напади врз украинскиот град Днипро (Дњепар). Што може ракетата и каква порака испраќа?

https://p.dw.com/p/4nK6P
Днипро руски напад
Украински пожарникари гаснат оган по рускиот напад во Днипро (Дњепар)Фотографија: Press Service of the State Emergency Service of Ukraine in Dnipr/picture alliance

Новата руска ракета може да биде опремена и со нуклеарни боеви глави, изјави шефот на Кремљ, Владимир Путин во телевизиски говор. Употребата на оружјето може да се сфати како закана за западните земји кои ја снабдуваат Украина со ракети со поголем дострел и ѝ дозволуваат да го користи ова оружје на руска територија.

За каква ракета станува збор?

Киев првично ја обвини Москва дека за првпат во историјата испукала интерконтинентална ракета во борба. Меѓутоа, Вашингтон подоцна појасни дека не станува збор за интерконтинентална ракета, туку за „експериментална балистичка ракета со среден дострел“. Русија веројатно има само неколку вакви проектили, изјави претставник на американската влада.

Како што кажува името, интерконтиненталните ракети можат да погодат цели на друг континент. Тие имаат домет од повеќе од 5.500 километри. Ракетите со среден дострел, пак, можат да гаѓаат цели на оддалеченост меѓу 3.000 и 5.500 километри, така што би биле доволни за евентуален руски напад врз Западна Европа.

Во својот говор во четвртокот вечерта (21.11), Путин го потврди тестирањето на „еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел во услови на борба“. Оваа експериментална „хиперсонична“ ракета наречена „Орешник“ би можела да биде опремена и со нуклеарни боеви глави, рече Путин.

Експертите сметаат дека ракетата би можела да биде варијанта на RS-26 Rubesch, чиј развој, како што се вели, бил прекинат во 2018 година. „Би бил изненаден доколку Русија може да изгради (таква ракета) без да се потпира барем 90 отсто на постоечкиот развој и без да користи делови од РС-26“, вели Фабијан Хофман, кој истражувач на ракетна технологија од Универзитетот во Осло.

Зошто Москва сега ја користи ракетата?

Тензиите меѓу Русија и западните сојузници на Украина се влошија во последните денови: изминатиот викенд, американскиот претседател Џо Бајден, по долго двоумење, за првпат ѝ дозволи на Украина да користи оружје со поголем дострел за напади врз руската заднина. Украина потоа нападна цели во Русија со американски ракети АТАЦМС и крстосувачки ракети Storm Shadow испорачани од Велика Британија.

Истрелувањето на новата ракета беше одговор на овие напади, изјави Путин. Во вторникот тој потпиша декрет со кој се намалува прагот за употреба на нуклеарно оружје - потег што западните земји го осудуваат како неодговорен.

Бајден се обидува да ѝ даде на Украина уште поголема поддршка во нејзината одбрана од Русија во последните два месеца од својот мандат во Белата куќа - бидејќи неговиот наследник Доналд Трамп сака брзо да ја заврши војната, што може да вклучи територијални отстапки за Русија на сметка на Украина.

Која е пораката на Кремљ?

Експертите се согласуваат дека употребата на новата ракета е порака од Москва до Западот. „Имаме работа со нешто што досега го немало и тоа е многу повеќе политички чин отколку воен“, вели Елоиз Фаје од францускиот тинк-тенк Ифри.

Штетата предизвикана од ракетата била релативно ограничена - според властите во Днипро, ракетата погодила инфраструктурен објект и повредила двајца цивили.

За Ник Браун од британската служба за анализа Џејнс, употребата на проектилот е „навистина за испраќање порака или предупредување за ескалација - скап и потенцијално опасен начин за Русија да заѕвечка со својата сабја“. Москва можеби се обидува да ја „заплаши Украина и нејзините поддржувачи“, изјави и претставник на американската влада. „Но, со ова нема да се заврти нов лист во овој конфликт.“