1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Украина: Русија извршила напад со интерконтинентална ракета

СН/агенции
21 ноември 2024

Откако Киев ги изврши првите напади со западно оружје врз руска територија, Москва истрела интерконтинентална балистичка ракета за првпат од почетокот на војната, тврдат украински извори.

https://p.dw.com/p/4nEnd
Руска интерконтинентална ракета при тест во 2022 година
Руска интерконтинентална ракета при тест во 2022 годинаФотографија: Russian Defense Ministry Press Service/AP/picture alliance

Украинската војска ја обвини Русија за лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) за време на денешниот утрински напад врз градот Днепар.

„Интерконтинентална балистичка ракета е лансирана од Астраханската област во Руската Федерација“, се вели во соопштението на украинските воздухопловни сили.

Во соопштението не е наведено каква ИЦБМ лансирала Русија.

Украинската војска додаде дека балистичката ракета, исто така, била лансирана заедно со седум крстосувачки ракети во нападот на Днепар. Се вели дека сите крстосувачки ракети биле соборени.

„Останатите проектили не предизвикаа значителни последици“, се вели во соопштението.

Регионалниот командант на Днепар изјави дека две жртви се повредени откако Русија утринава лансираше ракета во областа Днепар.

Војната на Русија во Украина трае повеќе од 1000 дена
Војната на Русија во Украина трае повеќе од 1000 денаФотографија: Florent Vergnes/AFP

На лице место укажана е помош поради повреда на 57-годишен маж, а во болница е пренесена 42-годишна жена, објави Серхи Лисак на Телеграм.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков одби да ги коментира информациите дека Русија утрината лансирала интерконтинентална балистичка ракета кон Украина.

Во официјалното соопштение на Министерството за одбрана, исто така, нема информации за лансирањето.

Според информациите од Киев, ова е првпат Москва да истрела интерконтинентална балистичка ракета од почетокот на војната во Украина. Сето се случува по првите украински напади со западно оружје со долг дострел врз руска територија

Интерконтинентална балистичка ракета е оружје со долг дострел кое се лансира во вселената и потоа ослободува боева глава или повеќе боеви глави кои повторно влегуваат во атмосферата за да ги погодат своите цели.

Се смета дека ИЦБМ имаат минимален дострел од 5.500 километри, но некои верзии можат да одат многу подалеку, повеќе од 9.000 километри, соопшти Центарот за контрола на вооружување и непролиферација.