НАТО апелира западно оружје да се користи против Русија
28 мај 2024НАТО апелираше до своите земји членки да ѝ дозволат на Украина да користи западно оружје против воени цели во Русија. Во понеделникот (27 мај) Парламентарното собрание на НАТО ја усвои соодветната декларација со мотото „Со Украина до победа“ на својот пролетен состанок во бугарскиот главен град Софија.
Дојде време да се укинат одредени ограничувања за употреба на испорачаното оружје, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој апелираше до сите сојузници да размислат за користење на оружјето што го испорачале против цели во Русија, особено наведувајќи ги како причина - тешките борби во регионот Харков на руската граница. „Линијата на фронтот и границата се повеќе или помалку идентични, а рацете на Украинците се врзани ако не можат да нападнат воени цели на руска територија“, рече Столтенберг.
Украина ќе биде послаба ако продолжиме да ѝ даваме само делумна поддршка, предупреди претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Полјакот Михал Шчерба.
Во текот на викендот избувна дебата за апелот на Столтенберг да му дозволи на Киев да користи западно оружје на руска територија. Во интервју за весникот „Ла Стампа“, италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето го критикуваше Столтенберг, велејќи дека „не може сам да носи одлуки“.
Столтенберг во Софија спомена и три теми за претстојниот самит на НАТО во Вашингтон во јули: подобрување на одбранбените капацитети на земјите членки, поддршка за Украина и глобални партнерства со фокус на азиско-пацифичкиот регион.
На пролетниот состанок на Парламентарното собрание на НАТО присуствуваа пратеници од земјите членки и партнери на НАТО, како и делегација од германскиот Бундестаг.
Зеленски бара олеснување на прописите
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, продолжува да се залага на Украина да ѝ се дозволи да користи западно оружје против Русија. Во видео обраќањето во неделата, Зеленски рече дека многу земји го изразиле своето сочувство за смртоносниот бомбардирање на градот Харков. „Важно е оваа осуда да доведе до соодветни последици“, додаде тој.
На Украина ѝ е потребно повеќе воздушна одбрана и право да ја нападне руската територија со странско оружје.
„Ја гледаме секоја точка на концентрација на руските трупи. Ги знаеме сите области каде се лансираат руски ракети и полетуваат борбени авиони“, рече тој. Политичка одлука е да се дозволи уништување на овие сили пред да ја нападнат Украина. „Одлука што мора да се донесе.“
Шпанија и Украина потпишаа безбедносен договор за време на првата официјална посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на земјата во ЕУ.
Со договорот, меѓу другото, е предвидена воена помош од Шпанија во износ од една милијарда евра во тековната година, изјави премиерот Педро Санчез, но не сакаше да даде детали за воената помош на прашањето на новинарите. Тој само рече дека ќе продолжат да се испорачуваат ракети за противвоздушна одбрана, тенкови Леопард 2 и муниција. „Договорот се заснова на сеопфатна визија за безбедност и затоа се протега на различни области како воениот сектор, финансиската поддршка, како и соработка во воената индустрија.“
Посетата првично беше планирана за средината на месецот. Меѓутоа, Зеленски го откажа ова и другите патувања во странство поради интензивните борби во регионот Харков.
Германија досега беше против
Германскиот канцелар Олаф Шолц досега се изјаснуваше против употребата на западно оружје против Русија. Тој во моментов не гледа причина да ги ублажи правилата договорени со Украина за употреба на оружје испорачано од Германија, рече тој на јавната дискусија на Берлинскиот фестивал на демократијата во неделата (26-ти мај).
И генералниот секретар на партијата СПД, Кевин Кинерт, ја отфрла употребата на западно оружје против позициите на руска територија. Нападот врз градот Харков и врз други украински места е руски „терор врз цивилното население. Сепак, тоа не ни дозволува да правиме сѐ што би сакале“, рече Кинерт во утринската програма на германскиот јавен сервис. Тој нагласи дека Украина има право да ја нападне воената инфраструктура на руска територија. Сепак, тој предупреди дека се размислува за „каква дискусија би воделе“ доколку западното оружје случајно ја погоди цивилната инфраструктура во Русија.
Германија: 60 милијарди, особено за источна Украина
Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, најави дека Германија ќе обезбеди 60 милијарди евра хуманитарна помош за Украина. Ова е особено наменето за истокот на земјата, рече Бербок на средбата со нејзините колеги од ЕУ во Брисел.
Министрите за надворешни работи на 27-те земји на ЕУ, исто така, одобрија нова правна рамка за санкционирање на сериозни прекршувања на човековите права во Русија. Меѓу другото, треба да овозможи преземање казнени мерки против луѓето и организациите одговорни за сузбивање на опозицијата, како што изјавија неколку дипломати за агенцијата ДПА. Според дипломатите, на списокот ќе има околу 20 нови лица или организации, како прв чекор во рамки на новиот режим на санкции.