Американска помош за Украина: Оружјето може брзо да стигне
22 април 2024Откако Претставничкиот дом на САД одобри нов пакет помош за Украина кој тежи милијарди, Украина сега притиска за брза испорака на оружјето. Претседателот на Комисијата за тајните служби при американскиот Сенат, Марк Ворнер, даде надеж, особено за ракетниот систем со долг дострел од типот АТАЦМС. Ворнер за телевизијата Си-Би-Ес изјави дека штом претседателот Џо Бајден го потпише законот, испораката на оружје ќе може да почне до крајот на неделата. „Мислам дека владата во изминатите месеци се подготвуваше да ги стави на располагање системите АТАЦМС", одговори сенаторот на прашањето дали ќе бидат испорачани и системи со подолг дострел, а не само муниција и е убеден дека ќе бидат испратени веднаш штом се стави потпис на законот.
Зеленски: Сега е шанса да се стабилизира ситуацијата
Украинскиот претседател апелира на САД за брза испорака на одобрената помош и според преводот на телевизијата Ен-Би-Си вели дека „сега имаме шанса да ја стабилизираме ситуацијата и да преземеме иницијатива". Тој додава дека „сакаме што е можно побрзо да ги придвижиме нештата, за да може на војниците на фронтот најбрзо што може да им дадеме конкретна помош. А, не дури за шест месеци" и посочува дека уште пред една година било одлучено на земјата да и` се стават на располагање нови борбени авиони од типот Ф-16. „Помина една година. А, авионите уште ги нема во Украина“, рече тој.
Зеленски не сакаше да наведе временска рамка, но повторно предупреди од Путин, тврдејќи дека „ако Украина изгуби, Путин во секој случај ќе вмаршира во балтичките земји. Тој сака да си ги поврати сите поранешни советски републики, кои сега се независни држави. Дали се во НАТО или не, нему му е сеедно“.
И германскиот канцелар Олаф Шолц се надева на брза реакција од Сенатот. „Добра порака е што Претставничкиот дом ја донесе одлуката за натамошна финансиска поддршка на Украина со оружје", рече тој и додаде дека „се надеваме оти наскоро ќе има одлука и од Сенатот, така што помошта ќе биде обезбедена и за иднината."
Експерт: Помошта доцни и не е доволна
Од Украина се слуша и критика. Се истакнува дека се среќни што пакетот е одобрен, но „проблемот е искрено кажано, што помошта доцни и тоа е премалку", вели украинскиот експерт Алексеј Харан, кој е професор за компаративна политика при Националниот универзитет во Киев-Мохила. Харан посочува дека нема доволно ракети и воздушниот простор не може да биде одбранет, а неодамна имало и недостиг од артилериска муниција.
САД прв пат со ракетни системи со поголем дострел
Претставничкиот дом во саботата со надпартиско мнозинство изгласа пакет помош вреден 61 милијарда долари (57 милијарди евра), кој содржи и итно потребна испорака на оружје за одбраната од Русија. Се чека на потребното одобрение од Сенатот, кое важи за сигурно и се очекува да уследи кон средината на неделава. Потоа Бајден треба да го потпише законот.
Во содржината се бара испорака на ракетни системи од типот АТАЦСМС со голем дострел, односно Бајден на Украина „што е можно побрзо“ да и` ги стави ракетите на располагање. До сега САД испорачуваа АТАЦСМС со краток дострел од 165 километри, додека Украина си ја посакува варијантата со дострел од 300 километри.