1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг свика кризен состанок на Советот НАТО-Украина

ЖА
17 април 2024

На Украина ѝ недостасуваат системи за оружје и муниција важни за одбраната од Русија. НАТО поради тоа ќе одржи кризен состанок.

https://p.dw.com/p/4etUe
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Bernd Riegert/DW

На барање на Украина, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за овој петок закажа состанок на Советот НАТО-Украина. Главна тема на вонредниот состанок ќе биде потребата на Украина од повеќе системи за противвоздушна одбрана и артилериски гранати, изјави Столтенберг во средата во Брисел. На состанокот треба да присуствува и украинскиот претседател Володимир

Зеленски, како и министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, Дали средбата ќе биде организирана преку видео конференција или со физичко присуство, првично не се знае.

Зеленски претходно изразил желба  за вклучување на Советот НАТО-Украина заради подобра одбрана на воздушниот простор на неговата земја според израелскиот модел. Украина ќе достави притоа барање за снабдување со противвоздушни системи и ракети, изјави тој во видео пораката дистрибуирана во Киев во вторникот вечерта. И луѓето во Украина имаат право на заштита од терор, аргументираше Зеленски, алудирајќи на воздушната одбрана во Израел, кој успешно ги одби иранските воздушни напади викендов.

Украина во повеќе наврати се жали поради претрпени енормни штети по жестоките напади на Русија  со дронови од иранско производство. Украина е изложена на исти ракетни и напади со дронови, на луѓето насекаде треба да им биде пружена заштита, изјави Зеленски, истакнувајќи - Украина и натаму прави напори за  добивање вистинска помош од сојузниците.

Столтенберг во средата јасно предупреди  дека решителната поддршка на Украина во актуелната ситуација ја смета за поважна од исполнувањето на целите на воениот сојуз за чување на оружје и муниција. Главната порака сега гласи – испраќање поголема поддршка во Украина, истакна Столтенберг.

Советот НАТО-Украина првпат се состана лани на самитот на Алијансата во Литванија на ниво на шефови на држави и влади. Негова цел е вршење консултации во кризни ситуации, како и заемна соработка во постигнување предуслови за иден  прием на Украина во НАТО.  Во нив спаѓаат меѓу другото крај на војната со Русија и реформи во Украина.