Малески: Сведоци сме на ескалација опасна за светскиот мир
19 ноември 2024Нова драматична ескалација, очајно задоцнет или сосема логичен потег - во овој триаголник се вртат прашањата и прогнозите по прашањето - што ќе донесе одобрението на САД со кое Украина ќе може да ги користи американските ракети со долг дострел за напади на руска територија. Во светот интензивно се анализира дали таа одлука ќе ја промени играта на теренот, во чија корист, дали е тоа само притисок побрзо да се дојде до мировни преговори или поскоро води кон трета светска војна?
„Ова се пресвртни денови“, коментираат аналитичари низ светот, пред денешното одбележување на 1000 дена од почетокот на руската инвазија во Украина. Така е насловена и темата на денешното вонредно заседание на Европскиот парламент (ЕП) на кое видео-обраќање ќе има украинскиот претседател Володимир Зеленски, а ќе се обрати и претседателката на ЕП, Роберта Мецола.
Сибиха: Колку подалеку удираме, толку пократка ќе биде војната
Во пресрет на „илјадитиот ден“, за агресивната руска војна во Украина расправаше и Советот за безбедност на ОН. Пред заседанието, на кое Западот ја потврдил својата поддршка за Киев, украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја поздравил дозволата дадена од САД неговата земја да ги користи од нив доставените ракети за удари на руска територија, пренесе АФП.
„Ова може да ја промени играта“, изразил задоволство Сибиха пред новинарите во Њујорк, со аргументи дека „колку што подалеку може да удира Украина, толку пократка ќе биде војната“.
„Позицијата на Украина отсекогаш била јасна - ние имаме целосно право да нанесуваме удари врз воени цели на руска територија. Ова е наше законско право и тоа ќе ги спаси нашите цивили“, нагласил Сибиха, со прогноза дека зеленото светло од Вашингтон „може да има многу позитивно влијание врз бојното поле“.
Постојаната претставничка на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд не спомнала одлука за дозволување напади во Русија, но ја потврдила поддршката на Вашингтон за Киев.
„САД ќе продолжат да ја зголемуваат својата помош за безбедноста на Украина“, изјавила таа, додавајќи дека „во следните неколку дена“ ќе биде објавена и дополнителна помош.
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, го критикувал одржувањето на тоа заседание, опишувајќи го како „медиумски настан за демонизирање на Русија“.
Забрзување кон директен судир
Администрацијата на Бајден со месеци одбиваше да и дозволи на Украина да гаѓа цели во Русија со проектили со долг дострел, стравувајќи од ескалација на конфликтот. Што ќе донесе сменетата одлука на претседателот во заминување?
„Можеби пренесувањето на власта во Америка ќе биде мирно, но се чини дека нема да биде така и во меѓународните односи“, оценува Денко Малески, професор по меѓународна политика и прв министер за надворешни работи на независна Македонија.
„Војната во Украина добива невидена ескалација во последниве неколку дена со ракетниот напад на Русија врз енергетските постројки во Украина и со одлуката на Бајден да дозволи употреба на американските ракети со дострел од 300 км. во длабочина на руската територија. Со поддршка се огласи уште еден политичар во заминување - еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Двајцата политичари го симболизираат расположението на Америка и Европа кои не сакаат да признаат дека оваа војна на агресија на Русија врз Украина, како што досега е водена, е изгубена. Во некаква поинаква хипотетична војна на директна конфронтација со Западот, Русија би доживеала брз и тежок пораз. Но, дали некој разумен сѐ уште верува дека политичарите кои ги водат нуклеарните сили се спремни на самоубиство, истурајќи го целиот свој нуклеарен потенцијал од по 6.000 интерконтинентални балистички нуклеарни ракети, плус оние на Франција и на Британија, врз противникот? Не, но сите знаат дека ескалацијата може да земе незапирливо забрзување кон директен судир. Токму тоа се случува последниве два дена“, вели Малески.
Рускиот претседател Владимир Путин уште претходно предупредуваше дека употреба на западно оружје за напади во Русија ќе значи дека „земјите од НАТО се во војна со Русија“. Но, се чини и дека и дипломатските напори не дадоа резултати во смирување на теренот. Токму по минатонеделниот телефонски разговор Шолц-Путин, украинската енергетска мрежа се соочи со еден од најголемите руски напади во последните месеци. Премиерот на Полска, Доналд Туск искоментира дека тој напад, еден од најголемите во таа војна, докажал дека „телефонската дипломатија не може да ја замени вистинската поддршка од целиот Запад за Украина“.
„Следните недели ќе бидат одлучувачки, не само за самата војна, туку и за нашата иднина“, напиша Туск на социјалната мрежа Х.
Опасна ескалација
Според Малески, учеството на 11 илјади војници од Северна Кореја е невидена провокација за Америка, но логиката на Русија е дека таа одговара на сојузничките напади со сопствен сојуз.
„Дали ескалацијата на Џо Бајден е обид дa демонстрира одлучност во една изгубена војна, или да му се одмазди на новоизбраниот претседател Трамп кој се прикажува како миротворец кој ќе ја запре војната за 24 часа? Воените аналитичари сметаат дека одлуката за употреба на ракетите е донесена предоцна за да може да ја промени состојбата на теренот. Оттаму, нејасноста за она што се случува во главата на претседател чии когнитивни способности ги доведуваат во прашање. Други ќе речат дека Трамп се фали со невозможна мисија и дека конфронтацијата на Америка со Русија ќе продолжи и во неговиот мандат. Трагедијата на ривалството на големите сили во сите времиња, е во тоа што секоја од нив се бори за примат преку јакнење на својата и намалување на туѓата моќ. Ривалство, кое неретко ги водело во војна. Трети ќе речат дека прашањето е пресериозно за да не биде координирано со новоизбраниот американски претседател. Без оглед кое мислење ќе се покаже како исправно, последните часови сме сведоци на ескалација на војната во Украина која станува крајно опасна за светскиот мир. Ситуација која наликува на онаа пред избувнување на големи светски конфликти кога почнува трката угоре по 'скалата на ескалација' и која води до директен судир“, оценува професорот по меѓународна политика.
Тринаесетте денови кога светот умре од страв
„Знаците покрај патот“ создаваат немир дека се случува своевидна увертира за поголема дестабилизација. Една од причините за тие стравувања е вчерашниот дефект на подморски телекомуникациски кабел кој ги поврзува Финска и Германија, кој ги нарушил комуникациските услуги. Особено што тоа се случува откако во септември од Вашингтон изразија загриженост поради сознанија дека Русија ги развива подморските способности за саботажа на критичната подморска инфраструктура и подморнички кабли, но и дека Вашингтон ќе ја смета секоја таква саботажа како значајна ескалација на руската агресија надвор од границите на Украина.
Пред овој дефект, светот веќе го обиколија информации дека дел од скандинавските земји на своите граѓани електронски или по пошта им дистрибураат брошури со совети за подготовка при инциденти, војна или кризни состојби.
„Слушам дека во некои скандинавски земји властите креваат паника и веќе го советуваат населението да создаде залихи од храна и да се снабди со многу јод. Како да одеднаш станале свесни за опасноста по човештвото“, вели Малески.
Настаните го враќаат сеќавањето на кубанската криза пред 62 години.
„Се сеќавам дека кога во 1962 година изби кубанската ракетна криза, целиот свет мина низ трескавични тринаесет денови до почетокот на деескалација и нејзино завршување. Во тие 13 дена светот умре од страв, а гледајте ја реакцијата денес. Што е тоа што ги направи луѓето рамнодушни кон војната, па била и нуклеарна? Повеќе од две години трае заканата од нуклеарна војна и сите си ги живееме животите како да ја нема, преокупирани со нашите секојдневни проблеми. Ја нема веќе паролата и ангажманот во прилог на мирот на нас, некогашните колеги студенти од Европа: ‘Подобро денес активен отколку утре радиоактивен!’. Како баш да ни е гајле на сите. Време е да се крене гласот во прилог на мирот. Време е за деескалација и крај на една непотребна војна. Оти нема победници во нуклеарна војна, макар и колку нуклеарно оружје да поседуваш. Се враќа ли светот на бесмислената трка во вооружување од Студената војна, илустрирана така вешто во дамнешна карикатура на 'Њујорк тајмс', на која е нацртан американски генерал кој влегува дома, ја фрла капата на троседот и луто и вели на жената: „Утврдивме дека можеме да го уништиме СССР сто пати, а тие Америка сто и еден пат“, потсетува Малески.
Договор за безбедносно и одбранбено партнерство
Покрај вонредна седница на ЕП, денеска во Брисел ќе заседава Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој ќе се расправа за поддршката на Унијата за Украина и за одбранбената подготвеност на блокот. На маргините на заседанието на Советот, ќе се одржи церемонија, на која министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во Брисел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Се очекува овој Договор за партнерство да ја зајакне отпорноста на земјата и да овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици и поефикасна соработка во сферата на безбедноста и одбраната.