1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ракети за Украина: ЕУ одобрува, Русија се заканува

АРД
18 ноември 2024

Сојузниците на Украина во Европа ја поздравуваат одлуката на САД да дозволат оружје со долг дострел да се употребува против цели во Русија. Кремљ ја обвинува американската влада дека дотура „масло на огнот“.

https://p.dw.com/p/4n86b
АТАКЦМС Украина
Тактички ракетни системи АТАКЦМС на САД во УкраинаФотографија: picture alliance/dpa/U.S. Army via AP

На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, одлуката на САД да дозволи поширока употреба на ракетите АТАКМС од страна на Украина, наиде на одобрување. По многу двоумење, американската влада сега ѝ дозволува на Украина да го користи оружјето испорачано од САД за напади длабоко во руска територија. Дозволата, според медиумски извештаи, првично е ограничена на регионот Курск, каде што руски и севернокорејски војници очигледно се пред голема офанзива. Засега нема официјална потврда од американската влада за промената на курсот, но веќе има реакции од сојузниците кои индиректно ја потврдуваат. 

Големо одобрување во Брисел

Сојузниот министер за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, рече дека дозволата ќе ѝ овозможи на Украина да уништи руски бази за лансирање ракети. Во одбраната на Украина е важно „да не се чека ракетата да прелета над границата“, оцени Бербок за РББ. Некои украински населени места се толку блиску до границата со Русија што против-воздушната одбрана не помага бидејќи ракетите премногу брзо ја погодуваат целта. И полската влада ја поддржа одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, кој според полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски одговорил на распоредувањето на северно-корејски трупи во Русија и масовните руски ракетни напади „на јазик што го разбира Владимир Путин“. Тој додаде дека „жртва на агресија има право да се брани“, но според литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, не е јасно дали Украина има доволно ракети за да направи разлика на бојното поле преку напади во Русија. „Сè уште не го отворам шампањот“, рече Ландсбергис, кој заедно со другите балтички земји долго време води интензивна кампања за поголема воена поддршка за Украина. 

Ќе има ли дозволи и од Франција и Велика Британија?

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика земјите-членки на ЕУ и тие да дозволат употреба на оружје за украински напади врз цели во Русија. „Постојано кажував дека Украина мора да биде во состојба да го користи оружјето што ѝ се испорачува, не само за да ги спречи стрелите, туку и да го погоди стрелачот“, рече Борел. Украинскиот претседател Зеленски со месеци се обидуваше да добие дозвола од западните партнери. Покрај САД, такво оружје имаат испорачано и Франција и Велика Британија од каде неодамна имаше наводи дека се размислува за издавање дозвола за употреба на руска територија. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска изјави дека и натаму се разгледува таквата опција. 

Русија предупредува од трета светска војна

Москва реагираше со остра осуда на одлуката од САД. Доколку официјално се потврдат наводите, тоа би довело до „фундаментално нова ситуација во врска со американското учество во овој конфликт“, предупреди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Очигледно е дека американската влада во заминување сака да долее „масло во огнот“, рече тој и се осврна на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин во септември годинава дека Москва ќе го протолкува таквиот чекор како влез во војна на земјите од НАТО. Путин најави „соодветни одлуки“ во таков случај. Владимир Јабаров, првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Руската Федерација, предупреди дека одобрувањето може да доведе до почеток на трета светска војна. „Тоа е многу голем чекор“, изјави Јабаров за руската новинска агенција ТАСС. „А, Американците го одат заради еден старец кој си заминува и кој за два месеца веќе нема да одговара за ништо“, потенцираше Јабаров. 

Критики од Северна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, кој е сојузник на Русија, ја критикуваше улогата на САД и на Западот. Тие го користат конфликтот во Украина за „да го прошират опсегот на нивните воени интервенции низ целиот свет“, се цитира диктаторот Ким во државната новинска агенција КЦНА. Тие ги користат украинските војници за да стекнат искуство во борбата против Русија, смета тој. Според западните разузнавачки служби, Северна Кореја испратила околу 10 илјади војници во Русија и ја поддржува и со испорака на оружје.

Дебата за испораката на „Таурус“

Канцеларот Олаф Шолц до сега го оправдуваше својот став да не испорача крстосувачки ракети „Таурус“ на Украина со предупредувања за можна ескалација. Според владиниот портпарол, Шолц ниту по издавањето дозвола од страна на САД не гледа причина да ја преиспита својата одлука. Од друга страна, Зелените се подготвени за испорака на „Таурус“. „Доколку ракети, беспилотни летала и бомби би паѓале врз нашата земја, кога би биле напаѓани детски болници, снабдувањето со електрична енергија, кога би бил нападнат нашиот нормален живот, тогаш и ние би се бранеле“, рече министерката за надворешни работи Бербок. Унијата исто така поддржува употреба на ракети со долг дострел против конкретни цели во Русија. „Би било логично Германија да се однесува како САД“, рече експертот за одбрана на ЦДУ, Јохан Вадефул за Рајнише пост.

Украина бара укинување на сите ограничувања

Украинскиот амбасадор во Германија, Олексеј Макејев, во Утринскиот магазин АРД повика на прекин на сите постоечки ограничувања за употребата на оружјето. Руски аеродроми и складишта за муниција каде што се чуваат бомби и ракети „мора, може и смее да бидат нападнати според меѓународното право“, рече Макејев. „Многу луѓе овде на Западот велат дека не сакаат трета светска војна, но за нас Украинците третата светска војна трае веќе долго време“, рече амбасадорот. Вчера претседателот Зеленски во вечерното обраќањеиндиректно се осврна на наводите за дозволата од САД. „Напади не се водат на муабет“, рече тој и додаде дека „такви работи не се најавуваат, проектилите сами ќе зборуваат за себе“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема