1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Зеленски го критикува Шолц по телефонскиот разговор со Путин

Тагесшау | ЕМФ
16 ноември 2024

По телефонскиот разговор помеѓу германскиот канцелар Шолц и рускиот претседател Путин, Украина изразува незадоволство. Против Путин помага само железна изолација, изјави украинскиот претседател Зеленски.

https://p.dw.com/p/4n4J7
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и канцеларот Олаф Шолц
Украинскиот претседател Зеленски и канцеларот Шолц (архивска фотографија)Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц предизвика лутина на Украина со својот прв телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин по речиси две години. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Шолц дека со телефонскиот повик ја отворил „Пандорината кутија“: „Путин долго време го сака токму тоа. За него е исклучително важно да ја олабави изолацијата во која се наоѓа“, оцени Зеленски.

Зеленски потврди дека Шолц однапред го информирал за телефонскиот повик. Министерството за надворешни работи во Киев претходно соопшти дека она што е потребно во справувањето со Путин се „конкретни и силни дејствија што го принудуваат да склучи мир, а не убедување и аppeasement (политика на смирување, н.з.), кои тој ги гледа како знак на слабост и ги користи за своја предност“.

Зеленски: Нема да има нов договор од Минск

Зеленски истакна дека на Украина ѝ треба „вистински мир“. Нема да има натамошен договор од Минск, додаде тој, мислејќи на двата договори од Минск склучени во 2014 и 2015 година по интензивните дипломатски напори на Германија и Франција. Во тоа време Берлин и Париз заедно се обидоа да посредуваат меѓу Русија и Украина.

Но, договорите од Минск не доведоа до сузбивање на конфликтот во источна Украина. Двете страни меѓусебно се обвинуваа за неуспехот на договорите.

Шолц: „Русија мора да покаже подготвеност да преговара“

Шолц во телефонскиот разговор со Путин, според сопствени наводи, го повикал рускиот претседател „да стави крај на војната против Украина и да ги повлече своите трупи“. Русија мора да води преговори со Украина за „праведен и траен“ мир, напиша канцеларот на платформата X.

Кај Путин нема содржински промени на ставот. Кремљ објави дека може да се постигне договор само доколку Киев ја признае „новата територијална реалност“ во Украина. Со анексијата на полуостровот Крим во 2014 година и во текот на војната која трае од 2022 година, Русија создаде факти во Украина и присвои околу 20 отсто од Украина како дел од својата територија. Но, тоа не е признато на меѓународно ниво, бидејќи Москва ги анектираше окупираните територии во Украина со кршење на меѓународното право.

Шолц и Путин претходно последен пат разговараа по телефон на 2 декември 2022 година, односно девет месеца по почетокот на руската инвазија на Украина.